Долгометражниот игран филм за убиството на пет струмички студенти во 1951 година, насловен „Златна петорка“, почнува да се снима денеска во Струмица. Снимањето ќе трае 24 работни дена и ќе се одвива главно на локации на територијата на таа општина.
Филмот се очекува да биде завршен за кино-прикажување идната година, со премиера на некој од светските филмски фестивали.
Режисерот на „Златна петорка“, Горан Тренчовски, истакна дека филмот опфаќа мотиви кои се мошне интересни од нивен филмски аспект и третираат тема која ја екранизираме на нивен фикционален начин.
– Значи не правиме ниту биографски, ниту историски спектакл, туку напротив обработуваме интимна драма, која е вгнездена во стегите на некогашниот режим конкретно во 1951 година, кога провејува мотивот за апсурдната ликвидација на петтемина струмички студенти – рече Тренчовски.
Според директорот на фотографија, Апостол Трпески, станува збор за љубовна приказна, суптилна тема сместена во едно милје во минатото и едно милје во сегашноста.
Во „Златна петорка“ играат актерите: Славко Штимац, Петре Арсовски, Љупка Џундева, Ненад Милосављевиќ, Игор Ангелов, Јана Стојановска, Александар Ристовски, Влатко Илиевски, Васил Михајлов, Стојан Велков, Биљана Таневска, Диме Дрваров, Виктор Јакимовски, Григор Јовановски и Игор Тодоров.
Сценографијата е на Кирил Спасески, костимограф е Нела Тодоровска, а тонот е на Дарко Спасевски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.