Климатските промени ги менуваат навиките и традицијата за есенска сеидба во Пелагонија, велат битолските агро експерти.
Според Илија Србиновски, раководител на подрачната единица на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство со седиште во Битола, есенската сеидба доцни, но се почесто се сее и во декември.
– За да почне есенската сеидба треба да се собере пролетниот род од нивите. Во Пелагонија се уште се собираат пролетните култури, сончоглед, грав, зелка, а пченката во зрно е во најлоша ситуација бидејќи досега се собрани само 10 насто од вкупниот род – потврди Србиновски.
Во битолскиот дел на Пелагонија годинава ќе бидат подготвени 18.000 хектари за есенска сеидба, а досега опфатени се само 1.000 хектари.
– Порано, најоптималниот рок за завршување на сеидбата беше периодот од 15 до 25 октомври, но природата си го направи своето. Климатските промени ја менуваат традицијата и навиките па сега се сее и во ноември, а најверојатно и оваа година ќе се сее и во декември. Инаку од планираните 18.000 хектари, најголем дел или 10.000 хектари ќе бидат посеани со пченица, 5.000 хектари со јачмен, а останатиот дел со други земјоделски култури – истакна Србиновски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.