| четврток, 6 декември 2018 |

Ставревски: Македонија е држава со најнизок ефективен данок

– Македонија е држава која најмалку зафаќа од граѓаните и фирмите, со најнизок ефективен данок од 7,4 отсто, тоа е оценка на сите реномирани меѓународни финансиски институции. Сега зафаќањата од стопанството и граѓаните за буџетски приходи се помали во однос на времето кога СДСМ беше на власт – изјави вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески во интервју за „Сител телевизија“.

-Ако се погледне процентот на буџетските приходи во дел од бруто-домашниот производ во 2005 година тие изнесувале 32,7 отсто од БДП, а во 2015 година преку буџетските приходи се зафаќаат 30 отсто од БДП. Значи сега, ако се земе предвид колкав е бруто домашниот производ, се зафаќа помалку отколку што се земало преку даночните приходи пред 10 години. Тоа покажува дека е нереална тезата на СДСМ дека се зафаќа се повеќе од стопанството или дека Владата премногу троши, рече Ставрески.

Во однос на тезата која ја изнесе опозицијата дека Република Македонија премногу се задолжува, Ставрески посочи дека Македонија и според износот на задолжување и според нивото на јавен долг е мeѓу најмалку задолжените земји во Европа.

– Доколку се земе како репер вкупниот износ на задолжување Македонија е четврата земја во Европа како земја која најмалку се задолжувала во периодот од 2009 до 2015 година. Македонија е петта најмалку задолжена земја во Европа со 36,1 отсто ниво на државен долг. Ние водиме сметка за идните генерации, што е и обврска на секоја Влада да покаже одговорност во задолжувањето, да таргетира проекти кои се значајни за економијата и внимателно да се однесува кон нивото на задолженост, бидејќи тоа ќе значи дека и земјата и во иднина ќе задржи економска стабилност – рече Ставрески.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top