Ситуацијата со Џулијан Асанж кој повеќе од три години се крие во зградата на Еквадорската амбасада во Лондон, останува непроменета и покрај решението на Скотланд Јард да ги повлече полицајците кои стражареа околу дипломатската мисија за да се спречи неговото бегство.
Според британската полиција, и натаму останува наредбата Асанж да биде уапсен доколку излезе од Амбасадата, по што веднаш би бил екстрадиран во Шведска, каде е осомничен за сексуално насилство.
– Ништо не е променето околу него во однос на она што беше досега, без разлика што повеќе нема полицајци пред зградата на Амбасадата, изјави портаролот на Викиликс, Кристин Храфнсон.
Основачот на Викиликс доби политички азил од Еквадор, три месеци по неговото бегство од станот што судски му беше определн за живеење, додека траеше судската постапка околу шведското барање за екстрадиција.
Во тој стан Асанж живееше бранејќи се од слобода, откако за него беше платена кауција од 250 илјади фунти. Тој побегна во Амбасадата веднаш штом британскиот Врховен суд ја потврди одлуката за негова екстрадиција во Шведска.
Тој и неговите адвокати тврдат дека не сторил ништо противзаконско и дека инсистирањето на шведските правосудни власти тој да се појави на сослушување во Стокхолм е само изговор, затоа што вистинската намера е да биде префрлен во САД, за да му се суди за објавувањето на тајните и доверливите службани материјали на американаката администрација.
Одлуката на британската полиција да се повлече од стражарењето пред Еквадорската амбасада, се објаснува со финансиски причини. Скотланд Јард објасни дека досега се потрешени 12,6 милиони фунти, како и дека тоа е товар за полицијата која деноноќно беше на стража од јуни 2012 година.
Асанж (44), кој е поранешен австралиски хакер, во 2010 година беше осомничен во Шведска за сексуално насилство, па темошните власти издадоа потерница по него.
Во мај 2012 година, британскиот Врховен суд определи тој да и биде предаден на Шведска, по што следниот месец Асанж побегна и се засолни во дипломатската мисија на Еквадор. Во август 2012 година, доби и политички азил од Владата во Кито, но не може да замине од Лондон, затоа што ако излезе од Амбасадата веднаш ќе биде уапсен.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.