Во Јавното обвинителство владее голем револт, откако нивната колешка од Гевгелија, а сега Специјален јавен обвинител , Катица Јанева го достави нејзиниот финансовиот и планот за работа.
Според Обвинителите, носењето на Законот е чин кој навредува бидејќи фрла сомнеж во нивното работење, наведувањето на голема разлика во платите ги става во нерамноправна позиција, а изборот на нејзините помошници е резултат на лични желби и афинитети, а не според објективни критериуми. Затоа за Законското решение ќе бараат преиспитување на неговата уставност и законитост пред Уставниот суд.
На синоќешната средба свикана на барање на обвинителите и од Вишите и од Основните јавни обвинителства, за која Обвинителството испрати соопштение, бил нагласен револтот од состојбите во кои функционираат Обвинителствата, а како последица од носењето на новиот Закон за јавно обвинителство.
„На средбата присутните констатираа дека состојбата во која работат обвинителствата е исклучително незадоволителна, особено по однос на кадровската екипираност. Новиот Закон за кривична постапка ги зголеми надлежностите на јавното обвинителство, но техничката опременост и вработените останаа скоро на исто ниво. Особено незадоволителна е состојбата во Основните јавни обвинителства Скопје, Гостивар, Куманово, Кочани и Крива Паланка.
Незадоволството на јавните обвинители е дотолку поголема, што и по доставеното барање до надлежните институции за зголемување на бројот на јавни обвинители и јавно обвинителските службеници за 30 проценти, досега не е одговорено. Дополнително, состојбата со недоволната кадровска екипираност се влошува со најавениот и можен одлив на јавните обвинители во новото специјално обвинителство, а особено земајќи ги во предвид законските одредби со кои нови јавни обвинители мора да се бираат од редот на завршените кандидати од Академијата за судии и јавни обвинители, што на годишно ниво не е задоволителна бројка“- се наведува во соопштението од ЈО.
Обвинителите се шокирани од предлозите на колешката од Гевгелија, Јанева, особено во делот на финансиското работење и предложените трошоци за плати кои таа ги навела. Биле нагласени огромни суми за плати и надоместоци, за кус период , што, според Обвинителите, „укажува на високи примања на вработените од тоа обвинителство кои се значително поголеми од примањата на постојниот кадар во обвинителствата“.
„Говорејќи за несразмерните плати и надоместоци, го посочија барањето и потребата за корегирање на примањата на јавните обвинители кои постапуваат по тешки предмети, каде задолжително треба да се предвидат и надоместоци за ризик, страв и доверливост адекватни на оние предвидени за специјалното обвинителство. Ова беше поткрепено со соодветни податоци за карактерот на високо ризичните предмети во областа на меѓународниот организиран криминал и тероризам“- нагласено е во соопштението.
Уште поголем револт меѓу колегите на Јанева е начинот на кој е составена листата за избор на обвинители во нејзината канцеларија.
„Присутните побараа да се достави Барање до Советот на Јавните Обвинители, со кое ќе се инсистира на одговор за начинот на кој е составена предлог листата за избор на јавните обвинители во специјалното обвинителство, дали и каде имало објавено оглас и каде се пријавувале заинтересираните кандидати и дали листата е составено според објективни критериуми и кои се тие. Ова особено што за јавните обвинители, предлог листата изразува лични афинитети и субјективни согледувања за квалитетот на предложените кандидати“- соопшти Јавното обвинителство по синоќешниот состанок на барање на поголем број обвинители.
Обвинителите се револтирани и од тоа што донесувањето на посебниот Закон за јавно обвинителство, „се става неосновано под сомневање нивното стручно и објективно постапување и во илјадници други предмети“.
Притоа овој Закон го оценуваат како неуставен и повикаа на поднесување Иницијатива за оценување на неговата уставност и законитост пред Уставниот суд на Република Македонија.
Тргнувајќи од поставените барања и забелешките дадени на заедничката средба, се соопштува од синоќешниот состанок, едногласно се донесени следните заклучоци:
– Да се предложи донесување на Измени и дополнувања на Законот за Јавно обвинителство со кои ќе се овозможи избор на нови јавни обвинители покрај кандидатите од Академијата за обука на судии и јавни обвинители.
– Да се предложат измени и дополнувања на Законот за плати на јавни обвинители во насока на надоместоци за јавните обвинители во смисла на надоместоци за ризик, страв и доверливост.
– Да се предложат измени и дополнувања на законот за јавно обвинителска служба според кои ќе се овозможат соодветни плати и надоместоци.
– Јавните обвинители инсистираат сите предложени Измени да се донесат во итна постапка.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
ЈO ќе ги гони оние кои фотографираат гласачи и го попречуваат гласањето
-
ЈО ќе ги следи евентуалните противправности при организирањето и спроведувањето на референдумот
-
Напаѓачите на Никола Саздовски се бранеа со молчење пред обвинителот
-
Јавното обвинителството ќе гони 30 лица за настаните од 27 април