| четврток, 6 декември 2018 |

Министерот за транспорт и врски Владо Мисајловски во обиколка на критичните точки зафатени со поплавите во Охрид

Министерот за транспорт и врски Владо Мисајловски заедно со претставници на Општина Охрид предводени од градоначалникот Никола Бакрачески денеска извршија обиколка на повеќе локации во градот и околината засегнати од поплавите, како и на критичните точки каде од вчера интензивно механизација врши чистење на одводните канали за да се спречат слични појави во иднина.

мисајловски

– Можам да констатирам дека само за 12 часа, 95 отсто од критичните места се санирани и се надминати сите штети. Механизацијата е тука, како помош од Градот Скопје, така и од јавните претпријатија во Охрид и од „Македонија пат“. Продолжуваме да сме на терен за во случај да дојде до повторно влошување на временските прилики, истакна Мисајловски.

Тој изрази уверување дека со подобрувањето на временските прилики во текот на денешниот ден ќе бидат санирани сите места погодени со поплавите.

Во врска со вкупната хидролошка состојба во земјата Мисајловски рече дека не е критична, но со забелешка за пораст на водостојот на реката Вардар на потегот Удово – Демир Капија, како и на нивото на Црна Река.

– Будно ги следиме состојбите во рамки на Координативното тело за кризи, со цел се утврди што може да се очекува во иднина, со оглед на најавените повторни врнежи следниот викенд. Ќе препорачаме превентивни мерки до сите општини, за веднаш да се реагира доколку има потреба, рече министерот.

Нагласи дека дополнителна механизација е ангажирана на сите места каде се регистрирани свлечишта.

– Во некои општини има проблеми со одводните канали што ќе ги санираме заедно со локалните власти во текот на наредниот месец, за што Владата веќе обезбеди по 700 литри гориво за ангажираната механизација исклучиво за таа намена, додаде Мисајловски.

Градоначалникот на Охрид појасни дека со координирани активности на локалната самоуправа, Владата, „Македонија пат“, јавните претпријатија и неколку приватни компании е интервенирано на сите места каде имаше поплави на цели региони и станбени објекти.

– Работевме на чистење на сите дренажни канали, речни корита и одводи што беа најзагрозени со поплавите, а се копаа и дополнителни одводи за да се повлече надојдената вода… Во најголем дел од поплавените региони санирани се сите последици и отстранети ризиците од натамошно поплавување, рече Бакрачески.

Во врска со одроните и свлечиштата што се појавија во текот на вчерашниот ден, беше информирано дека веќе се исчистени и патиштата се проодни, вклучувајќи го и патниот правец Охрид – Свети Наум, каде имаше три места со наноси од песок и камења.

Бакрачески нагласи дека посебна комисија на локалната самоуправа извршила увид на лице место со фото-документација во сите станбени објекти што претрпеа штети од поплавите и во наредните две седмици ќе се направи проценка на штетите и ќе се донесе одлука за обештетување на сите домаќинства погодени од невремето. Според првичните информации, станува збор за 37 домаќинства. 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top