Турција има силни докази да смета дека двајца бомбаши самоубијци го извршија денешниот напад на митингот на прокурдските и левичарските активисти во Анкара, при што загинаа 86 луѓе, изјави турскиот премиер Ахмет Давутоглу.
Тој прогласи тридневна жалост за жртвите во нападот.
– Тоа е напад врз цела Турција, против турската демократија, посочи Давутоглу.
Според најновите информации во нападот загинаа 86 луѓе, а над 200 се повредени. Досега ниту една терористичка група не презеде одговорност за нападот.
– Зад нападот може да се одговорни сите терористички организации кои дејствуваат во Турција. Потенцијално осомничени се Исламска држава, Курдската работничка партија и ултралевичарските Марксистичколенинистичка комунистичка партија и Револуционерна партија и фронт за народно ослободување. Сите тие се способни за таков напад. Независно кој го изврши нападот, извршил напад врз човештвото, наведе Давутоглу.
Тој додаде дека турските разузнавачки служби имаат информации дека ППК и ИД ќе испратат атентатори во Турција кои ќе се обидат да предизвикаат хаос.
Давутоглу истакна и дека претходно биле уапсени две лица кои подготвувале самоубиствени напади. Високиот совет за радио и телевизија на Турција воведе привремена забрана за објавување на материјали поврзани со терористичкиот акт во Анкара, со цел да не се предизвика паника кај населението.
Во меѓувреме во Истанбул околу 2.000 луѓе излегоа на улиците на Истанбул за да го осудат нападот во Анкара. Демонстрантите, кои се обидуваат да стигнат до централниот истанбулски плоштад Таксим, извикуваат пароли против претседателот Реџеп Таип Ердоган. За демонстрантите одговорни за насилството во Турција се претседателот Ердоган и владејачката Партија на правдата и развојот.
Претходно, Белата куќа го осуди „ужасниот терористички напад“ во Анкара.
– Фактот дека овој напад е извршен пред планираниот мировен марш укажува на изопаченоста на луѓето кои го извршија и е уште еден потсетник на неопходноста дека земјите во регионот се соочуваат со безбедносни предизвици, се наведува во соопштението од Белата куќа во кое се изразува и сочувство до семејствата на жртвите.
И генералниот секретар на Обединетите нации Бан Кимун го осуди нападот во Анкара при тоа изразувајќи надеж дека извршителите набрзо ќе бидат изведени пред суд.
Во исто време и генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг истакна дека не може да има оправдание за ужасниот напад врз луѓе кои учествуваа на мировен марш.
Сите земји-членки на НАТО се обединети во борбата против тероризмот, истакна Столтенберг.
Германската канцеларка Ангела Меркел инцидентот во Анкара го оцени како напад врз цивилните права, демократијата и мирот.
Ако индикациите за терористичкиот напад се потврдат, тогаш станува збор за посебно малодушен акт директно насочен кон цивилните права, демократијата и мирот, наведе Меркел, додавајќи оти „турската Влада и целото турско општество решително и демократски ќе одговортат на теророт“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.