Српскиот премиер Александар Вучиќ одлучи да не патува во Албанија за да присуствува на вечерашниот фудбалски натпревар меѓу албанската и српската репрезентација што се игра во Елбасан, јави телевизијата Н-1.
Како причина за ваквата одлука на српскиот премиер, телевизиската станица го споменува вчерашниот инцидент кога непознати лица со камења го нападнале автобусот во кои биле фудбалерите на Србија, додека се превезувале од аеродромот, до хотелот.
Според Н-1, албанскиот премиер Еди Рама им се извинил на фудбалерите и водството на репрезентацијата на Србија, а шефот на тиранската полиција лично дошол на местото на инцидентот, ветувајќи дека нема да биде загрозена безбедноста на играчите и на сите другите кои допатуваа од Србија, но во Белград е одлучено Вучиќ, сепак, да остане дома.
Засега не се знае кој го каменувал автобусот, но инцидентот само покажа дека и реваншот меѓу репрезентацијата на Албанија и Србија, како и првиот меч во Белград, се игра во услови на големата нервоза и политичка напнатост.
Двете земји на својот пат кон европската интеграција, настојуваат да ги подобрат своите билатерални односи, па Рама годинава ја посети Србија, што беше прва посета на еден албански премиер на Белград по повеќе од половина век, но односите меѓу двете земји и натаму остануваат студени и исполнети со недоверба.
Веднаш по инцидентот со автобусот, српското Министерство за надворешни работи го повика албанскиот амбасадор во Белград, Илир Бочка за да му вложи протест, но шефот на албанската дипломатска мисија одби да дојде во српското МНР, кусо обкаснувајќи дека „нема причина за тоа“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.