Откако фудбалерот на Динамо Загреб и на македонската репрезентација, Аријан Адеми бил позитивен на допинг-тестот по натпреварот од Лигата на шампионите во првото коло против Арсенал, тој веднаш го напушти кампот на репрезетацијата и се врати во Загреб да ги дознае и резултатите од Б-тестот, кој ќе пристигне за неколку дена.
Целата фудбалска репрезентација, стручниот штаб и фудбалерите упатија поддршка до Адеми со цел да издржи во овој тежок период за него и да докаже дека не користел стимулативни средства.
– ФФМ, стручниот штаб и целиот состав на репрезентацијата му изразува целосна поддршка на Аријан Адеми, кој ги потврди своите човечки и фудбалски вредности во минатото. Секогаш бил со репрезентацијата, се однесувал како како вистински професионелец. До завршување на постапката не смее да коментираме – изјавија од ФФМ.
Ванче Шиков, репрезентативецот и стандардниот стопер на националниот тим, исто така, ја потврди поддршката за Адеми во име на сите репрезентативци.
– Вчера веста сите нѐ шокираше. Дај боже овој Б-тест да биде негативен и пак да го имаме Адеми со нас – рече Шиков.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.