„Њујорк тајмс“ направи психолошка анализа на личноста на Владимир Путин. Според американците, руската интервенција во Сирија лесно се објаснува, во прашање е страв на Владимир Путин од немоќ на државна власт.
„Тајмс“ пишува, дека тој страв кај Путин првпат се појавил ноќта на 5 декември 1989 година. Тогаш Путин како припадник на КГБ, гледал илјадници источногермански граѓани во Дрезден, како го заземаат седиштето на Штази, тајната полиција. Тогаш младиот офицер на руската тајна служба, немоќно го гледал падот на Берлинскиот ѕид, додека руското влијание во Источна Германија веќе било на апарати за преживување.
Без разлика на релативно мирното заземање на Штази, Путин демонстрантите ги сметал за опасни и пореметени, пишува њујоршкиот весник.
„Чувствувам дека лично сум виновен за тоа заземање на зградата“, наводно, му рекол Путин на својот пријател Сергеј Ролдугину. Источна Германија набрзо исчезнува, а потоа следува распадот на СССР.
„Путин рекол дека Советскиот Сојуз боледува од парализа на моќта. Таа дијагноза била главен мотиватор за консолидација на моќта во политичката кариера на Путин. Исто така, може и одлично да ја објасни и руската интервенција во Сирија“, анализира „Њујорк тајмс“.
Луѓе желни за промени
„Тајмс“, масовните протести во Источна Германија ги споредува со тие во Сирија во 2011 година, кога „демократски ориентираните граѓани“ се побунија против Асад.
„Путин ваквите протести ги смета за незаконска узурпација на авторитетот на власта. Таквите демонстрации се противат на убедувањето на Путин, дека државната власт е над сѐ и над сите“, пишува „Тајмс“.
– Политичките и друштвени проблеми во овој регион растат веќе долг временски период и нормално е дека луѓето се желни за промени. Но кој е крајниот резултат од сето тоа? – праша Путин во обраќањето во ОН.
И навистина, имајќи го предвид она што дојде по „демократските револуции“, пред сѐ по падот на Хусеин и на Гадафи, се граничи со ужас.
„Распадот на Советскиот Сојуз и хаосот кој следеше потоа, кај Путин го поттикна лошото мислење за неограничената демократија, но и за какрактерот на неговите сограѓани. Протестите кои го забрзаа распадот на Советскиот сојуз, го оставија рамнодушен, но одговорот на Елцин за уставната криза 1993 година, кај него создаде некој вид воодушевуање кон тогашниот претседател. Поточно, Елцин ја повика војската да му помогне во решавање на кризата, која ја гранатираше дури и зградата на рускиот парламент. Ваквиот цврст став му се допаднал на Путин“, пишува „Њујорк тајмс“.
Деценија на поднапиениот Елцин
„Поуката што Путин ја извлече од една деценија власт на често поднапиениот Елцин е дека, само цврста државна власт може да ја спаси Русија од економски и политички хаос во деведесеттите. Рускиот народ е заостанат, тие не можат да се прилагодат на демократијата, како што тоа беше во вашите земји. На нив им треба време“, наводно изјавил Путин на состанокот на странски академици, пишува американскиот весник.
Американската поддршка на обоените револуции во поранешните советски републики, Грузија во 2002 година, Украина во 2004 година и Киргистан во 2005 година, на Путин му е доказ дека Американците водат политика на рушење на властите во земјите кои некогаш биле под руско влијание.
Путин смета дека граѓанската војна во Сирија е само последниот во низата конфликти кои настануваат по уништувањето или слабеењето на централната власт преку американската агресија. Ако ја погледнеме историјата на американските интервенции во последните 20 години, ова убедување е сосема оправдано.
“Протестите во Украина кон крајот на 2013 и почетокот на 2014 година, кај Путин предизвика страв дека странската агресија, порано или подоцна ќе дојде до Кремљ. Секој граѓанин има право да го каже своето мислење за одлуките кои политичари ги донесуваат, но тоа мислење мора да го каже во рамките на законот.” Вака Владимир Путин ги коментираше украинските протести.
Државата е семоќна
„Бегството на украинскиот претседател Виктор Јанукович, Путин го користи за присвојување на Крим и поддршка на вооружениот бунт во источниот дел на Украина. Многу експерти и аналитичари се обидуваа да ја објаснат руската интервенција во Сирија како одговор на домашниот економски притисок и ниската цена на нафтата, но исто така и како одвлекување на вниманието од украинскиот конфликт или утврдување на позицијата на Русија на Блискиот Исток“, пишува весникот „Тајмс“.
Американскиот весник додава дека суштината на интервенција е одбраната на принципот на Путин дека државата е семоќна и треба да се брани од ордите на демонстрантите и бунтовниците. Тоа истовремено е и порака за Сирија, но и самата Русија, која можеби најдобро го илустрира делот од говорот на Путин во ОН.
– Нациите не треба да бидат принудени да прифатат некој модел на развој, само затоа што некој го прогласил за исправен. Советскиот Сојуз своевремено се обидуваше да направи разни социјални експерименти, во потрага по промени во други држави на идеолошка основа, а тоа доста често имаше трагични последици и деградација на условите за живеење, наместо напредок – рече рускиот претседател на Генералното собрание на ОН.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.