1.
СДСМ ја покажа „Визија за Македонија“. По којзнае кој пат опозицијата презентираше програма со многу зборови, фалби и ветувања, но без конкретни проекти, решенија и рокови. Детали што се основа на која било политичка платформа за каква било кампања. Освен за кампањите на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија. Не е ни чудо што сите кампањи на СДСМ остануваат да се паметат само по погрешно избраните слогани. Времето на Црвенковски го одбележа „(По)беда за Македонија“, а неговите наследници, Заев и Шекеринска, ќе ги паметиме по „(Про)визија за Македонија“.
2.
Во обид да им парира на конкретните мерки на ВМРО-ДПМНЕ, Заев презентираше „пет столба“ на кои се темели проектот, а кои најавуваат враќање на средната класа, помали даноци за сиромашните, државна помош за развој на домашните компании. Но, на презентацијата не даде одговори на прашањата како и во кој временски период планира да го реализира тоа? Дали освен најавите за укинување актуелни проекти, уривање градби и за бркање на административците има и план како да го подобри образованието, што планира да изгради, како да ја намали невработеноста?
3.
Заев не изнесе став за актуелните владини мерки како што се зголемување на платите, пензиите, бесплатно образование, градење автопатишта, градење нови училишта, реконструкции и изградба на нови болници и инвестиции во здравството, за проектите за вработување, за субвенции на земјоделците, лозарите, сточарите… Ќе ги укине или ќе ги продолжи? Не се изјасни ниту дали ќе ја промени политиката кон странските инвеститори и во која мера? Најпосле, ќе останат ли граѓаните без сето ова што го добија од оваа власт или ќе ги признае проектите како успешни?
4.
Опозиционерите и нивните аналитичари фрлаат со дрва и со камења по зголемувањето на пензиите. Едни ги исмеваат пензионерите што го поздравуваат потегот на владата, други се противат на одлуката за линеарно покачување со кое тие со пониски примања добиваат процентуално поголемо зголемување. Никој од нив не кажа дали СДСМ планира да им ја зголеми пензијата во април во случај да победи на изборите и која е достоинствената сума што ќе им ја обезбеди за подобрување на животниот стандард? Дали и пензионерите се вклучени во проектот за средната класа или ова се однесува само за кланот Заеви и за нивните блиски соработници?
5.
Во СДСМ се свесни дека немаат визија што да прават сами со себе, а не со Македонија. Јасно им е дека ја немаат поддршката од граѓаните и дека амбасадорите нема да може да гласаат за нив на избори. Затоа, сега место да се борат да привлечат гласови на своја страна, тие со сите сили се обидуваат да ја намалат поддршката на ВМРО-ДПМНЕ. Затоа се инсистира да се скрати правото на глас на дијаспората, се бара блокирање на институциите, запирање на субвенциите, проектите, инвестициите…
6.
Сепак, Заев и Шекеринска се лажат ако мислат дека „пријателите од надвор“ ќе ги поведат на штитот во конечна изборна победа, затоа што никој, па дури ни тие моќници не можат да ги амнестираат од одговорност за аферите со провизиите. Ниту од правна, а уште помалку од морална одговорност. Јавноста нема да престане да бара одговори за провизијата од телеком за обезбедување монополска позиција на македонскиот пазар во 2005 година, за провизијата од договорот меѓу Владата на РМ со „Мајкрософт“, за месечните кирии од 5.000 евра, за соработките со странските служби, за вмешаноста на странските амбасадори, за уривањето на безбедносниот систем и на легитимниот државен поредок, за провизиите на сметките на Вицето, за Глобал и за десетиците сомнителни тендери во Струмица.
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.