| четврток, 6 декември 2018 |

Столтенберг: Акциите на Русија не придонесуваат за безбедноста и за стабилноста

stol

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, денеска реагираше на кршењето на воздушниот простор на Турција од страна на авионите на Руската Федерација при нивните маневри за бомбардирање на позициите на Исламската држава (ИСИЛ). Како што јавува дописникот на „МИА“ од Брисел, Столтенберг денеска во седиштето на НАТО во Брисел се сретна со министерот за надворешни работи на Турција, Феридун Синирлиоглу, со цел да разговараат за неодамнешните воени акции на Руската Федерација во Сирија и околу неа.

Генералниот секретар на Алијансата, соопшти дека со турскиот шеф на дипломатијата разговарале и за „неприфатливото кршење на турскиот воздушен простор од страна на руските воени авиони“.

– Јасно ставив до знаење дека НАТО останува силно посветена на безбедноста на Турција. Јас ќе свикам состанок на Северноатлантскиот совет подоцна денеска за да разговараат за ситуацијата. Активностите на Русија не придонесуваат за безбедноста и за стабилноста на регионот. Апелирам до Русија за целосно почитување на воздушниот простор на НАТО и да избегне ескалација на тензиите со Алијансата. Апелирам до Русија да преземе неопходни чекори за да ги усогласи своите напори со оние на меѓународната заедница во борбата против ИСИЛ – потенцираше Столтенберг.

И покрај заедничката цел на неколку земји-членки и сојузници на Северната алијанса за соочување со терористите на Исламската држава, официјално, ниту НАТО, ниту некоја нејзина земја-членка, досега не ги поддржува воените операции на Руската Федерација против ИСИЛ, иако истите им нанесуваат огромни порази на терористите.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top