Актуелните руски воздушни напади во Сирија се „неприфатливи“ и со нив Русија прави „сериозна грешка“, изјави денеска во Анкара турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган, пред заминувањето во дводневна посета на Брисел.
– Тие акции ги нарушуваат нашите билатерални односи и влијаат вознемирувачки врз нив – изјави Ердоган, оценувајќи дека во крајна линија оваа руска акција „ќе ја изолира Русија во регионот и нема да ѝ донесе ништо добро“.
Ваквата оценка на Ердоган доаѓа во време кога Русија соопшти дека во последниве 24 часа извршила напади врз 10 цели на групата Исламска држава (ИД) во Сирија и дека ја проширува својата кампања.
Русија и Турција имаа спротивставени ставови околу Сирија, уште од почетокот на конфликтот во земјата во 2011 година. Додека Анкара се залага за заминување од власта на сирискиот претседател Башар ел Асад, Москва од друга страна целосно го поддржува.
Ердоган во денешната изјава ги обвини Русија и Иран дека „го штитат режимот на Асад, кој води политика на државен тероризам“.
Русија тврди дека цели на нејзините напади во Сирија се позиции на ИД, додека Турција и западните земји обвинуваат дека во најголем дел руските авиони ги напаѓаат силите на умерената сириска опозиција.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.