| четврток, 6 декември 2018 |

Груевски: Одлуката на Меѓународниот суд на правдата во корист на Македонија треба да се почитува

-Меѓународното право треба да се почитува од сите и во сите случаи, а не наменски. Оттука и одлуката на Меѓународниот суд на правдата донесена во корист на мојата земја треба да се почитува од сите членки на оваа организација, особено затоа што тој суд е основан од ОН и треба да е гарантот на спроведувањето на правдата и на билатералните договори склучени под покровителство на ОН. Во спротивно довербата во светската организација и нејзините тела и органи ќе опаѓа, нагласи Груевски.

Според премиерот Груевски, треба ангажман за да се мотивира Грција да пристапи кон решавање на ова прашање, имајќи ја предвид инертноста која во дел е резултат на објективни причини заради неповолната економска состојба.

– Како две пријателски земји кои освен овој немаат друг проблем треба да се почитуваме и да соработуваме, да разговараме. Би сакал да ја повикам новата Влада во Грција, како што правевме и во претходните случаи, во духот на добрососедските односи и пријателството, да го решиме ова нерешено прашање како одговорни лидери и држави пред нашите народи. Како соседи, почитувајќи ја Времената спогодба од 1995 година како темел на нашите односи, неодамна договоривме список на практични мерки за градење доверба кои ќе бидат спроведени меѓу нашите земји, позитивен чекор што може да доведе до создавање погодна клима за надминување на разликите во врска со името. Се надевам овој пристап ќе продолжи и со новата грчка Влада, рече Груевски.

Денешните генерации политичари од двете страни, укажа, треба да направат овој спор, кој е произведен пред 24 години како класична политизација и инструмент кој во минатото требало некому да обезбеди поени во политичката агенда, може да има решение кое ќе е одржливо, балансирано, и најбитно взаемно прифатливо и кое ќе го поддржат граѓаните на нашите земји и кое ќе обезбеди суштински напредок за Република Македонија, позитивен исчекор на Грција во инвестирањето во гарантирано стабилно регионално опкружување и реализација на интересот на колективните системи за безбедност за меѓународен мир и просперитет и гаранција на нивните интереси.

– Ова решение ќе придонесе во цврстината на регионот и подигнување на капацитетите за отфрлање на предизвиците со загрозувањето на стабилноста од страна на радикални елементи, подобро остварување на меѓународните конвенции за универзалните права и посилен систем за одговор на хуманитарните предизвици, рече премиерот Груевски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top