| четврток, 6 декември 2018 |

Груевски: ОН има придонес во справувањето со бројните предизвици

Во обраќањето во ОН, Груевски истакна дека со заеднички ангажман на ОН, колективните системи за безбедност, но пред се, преку соработка на безбедносните служби од регионот треба да се елиминира опасноста од радикализамот во кој било облик, ширењето на платформата на ИСИС, но и превенирање изолирани конфликти или обиди за дестабилизација во овој регион.

-Акциите за сузбивање на јадрата на оваа организација кои се спроведуваат во земјите од регионот се позитивен исчекор, но треба да се продолжи и со правилен пристап кон населението кое е цел на нивната идеолошка индоктринација преку едукација, давање на можности и социјална инклузија базирана на вредностите на ОН, посочи претседателот на македонската Влада.

Според Груевски, Обединетите нации успеаја во својата мисија и оваа организацијата ги реши или ги олесни и продолжува да го прави тоа, тешките ситуации и прашања кои никој од нас немаше да ги реши сам.

Македонскиот премиер посочи дека човековите права претставуваат еден од трите столбови на Обединетите нации засновани на Универзалната декларација за човековите права.  Нашите заедничките напори, порача, треба да бидат насочени кон зацврстување на системот за нивна гаранција, гледајќи ги и на индивидуално и преку колективното ниво (како на пример правото на именување кое е и индивидуално а преку тоа и колективно) и ние траба да ја дадеме целата наша поддршка кон напорите насочени кон тоа заштитата на човековите права да биде во сржта на стратегиите и оперативните активности на ОН.

Според Груевски, и за сегашноста и за иднината  потребно е ООН да продолжи да ја игра својата улога на глобален лидер, за добробитта на човештвото. Во тој контекст, наведе, охрабрувачки е што земјите-членки одлучија да му дадат поголема улога на Генералното собрание во претстојниот избор на следниот генерален секретар.

-Имајќи го предвид фактот дека ниту еден Генерален секретар досега не бил избран од источно-европската група, ние силно го поддржуваме барањето на нашата група во таа насока. Република Македонија останува посветен поддржувач на мултилатерализмот со ОН во неговата средина и верува во предностите што мултилатерализмот му ги носи на светот. Тоа останува главниот принцип на нашата надворешна политика, рече Груевски.

Претседателот на македонската Влада во обраќањето пред ГС на ОН порача и дека  е потребна храбра промена во политиките и оти политиката на посветеност, соработка и мудрост кон решавањето проблеми треба да биде заедничка опција, и тоа преку проактивен пристап и максимален ангажман.

Југоисточна Европа треба трајно да ја осигура својата стабилност и да граби кон економски напредок. Решавањето на отворените прашања, и тоа врз база на принципите на ОН, во што побрз период, треба да биде стратешки приоритет и предмет на интерес на ОН. Политиката на посветеност, соработка и мудрост кон решавањето проблеми треба да биде нашата заедничка опција и тоа преку проактивен пристап и максимален ангажман, истакна македонскиот премиер Никола Груевски во обраќањето пред Генералното Собрание на Светската организација во Њујорк.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top