На Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ во Битола беше прикажан документарно-играниот филм „Последниот Македонец – патот до истребување“, чијшто режисер е Илија Пиперковски.
Главните улоги во филмот ги толкуваат Сашко Коцев, Ненад Начев, Славиша Кајевски, Зоран Љутков, Рубенс Муратовски и Биљана Драгичевиќ-Пројковска. Продуцент на филмот е Снежана Лупевска – Созен, а извршни продуценти се Огнен Антов и Владимир Анастасов.
Филмот е историска драма за крвопролевања, разделба на семејства, моќта на соседите, желбата за уништување на Македонија, татковина распарчена на многу делови и херои со големи планови и со силна желба да останат на своето.
Документарно-играниот филм „Последниот Македонец“ ја имаше својата премиера на Фестивалот „Браќа Манаки“. Честитки за премиерата, како сте задоволни од приемот на филмот кај публиката?
ПИПЕРКОВСКИ: Ви благодарам за честитките и за поддршката што ми ја давате. Да бидам искрен, во ниеден момент не очекував да видам насолзени лица за време и по проекцијата на филмот. Со оглед на фактот дека станува збор за еден од најтешките периоди од македонската историја, каде што имало предавници на секој чекор, убиства, палење цели села, масовни емиграции проследени со егзодуси и со геноциди, луѓе од иста фамилија, во три различни војски, борба еден против друг… Сите овие работи ја прикажуваат општата состојба во тоа време и ретко кој може да остане рамнодушен откако ќе ги погледне ваквите случувања.
Дали по премиерата на филмот очекувате да се разбрануваат историчарите во соседните земји?
ПИПЕРКОВСКИ: Овој филм не е наменет само за историчарите, туку за сите. Моите филмови не би можел да ги делам и наменски да ги правам за некоја одредена група луѓе. Планираме да има регионална, балканска промоција на филмот и се надеваме дека филмот ќе биде мотив за дебата со која би ставиле крај на сите стеги од минатото што ни пречат на сегашноста со негирањето на нашата посебност и правото да бидеме тоа што сме. Не можете ништо да промените ако не научите да го прифатите. Тоа што одбивате да го прифатите и понатаму ќе ве следи. Ако тоа што го гледате ви е непријатно или некоја личност ја сметате за негативна, тогаш вие самите не сте фокусирани на повисоко ниво на постоење.
Насловот на филмот е „Последниот Македонец“. Дали овој филм ќе ни покаже зошто и каде сме згрешиле?
ПИПЕРКОВСКИ: Филмот почнува со една мисла: „Голема цивилизација не може да се освои однадвор сѐ додека не се уништи себеси однатре“. Со ова сакам да кажам дека доколку не се научи историјата, таа се повторува како фарса. И токму тоа се случува. На тие исти држави, кои во 19 и во 20 век не ни дозволуваа да создадеме држава со образложение дека сме биле македонска салата, сега им пречи нашата нација и сакаат да нѐ претворат во македонска салата. Знаеме дека кај нашите соседи никогаш нема да изумре идејата да го дограбат тоа што остана недограбано. Сетете се на деновите по акцијата во Куманово, кога некои од нашите соседи распоредија оружје на границите. Што ви кажува тоа? Грешката е и во нас самите затоа што со наша дозвола, а со нивни пари почнала братоубиствената војна пред 100 години. Но, нам ни останува со секоја нова генерација, во клучни историски моменти да се навраќаме на своите корени, да ги преоценуваме историските процеси и на тој начин да бараме одговор на прашањата од денешнината.
Велите дека сон на секој режисер е да снима епски филм, посебно за тема што досега никој не ја обработил како игран филм. Дали тоа значи дека Вам Ви се оствари сонот?
ПИПЕРКОВСКИ: Тежината и обемноста на сите историски теми се предизвик за секој режисер што сака да снима ваков филм затоа што за да се работи историска тема, долг е процесот на подготовки, како на пример, одбирање материјал за костими, изградба на сценографија со автентични мотиви од тоа време, учење да се јаваат коњи, ракување со оружје, специјални ефекти… И сето ова го прави голема екипа, која треба да биде платена и ова може да трае две-три години. Трошоците се големи. А сонот ми се оствари затоа што имав одлична продукција и мала, но многу добра екипа на која сум ѝ многу благодарен што ми овозможи разбирање во однос на малиот буџет што го имавме и желбата овој филм да биде снимен.
За што се говори во „Последниот Македонец – патот до истребување“? Дали Македонија и денес се соочува со истите проблеми како пред 100 години?
ПИПЕРКОВСКИ: Ние денес живееме во реален свет. Во свет што е полн со себичност и со безмилосна конкуренција. Во тој свет е нормално понекогаш да имате недоразбирање со соседите. Но, тоа што е важно за нас е сите тие недоразбирања да ги решиме на мирен и демократски начин, кој ќе покаже дека сите ние имаме заедничка цел. Изградба на регион на општествена благосостојба, во која, покрај економската, и духовната состојба ќе биде на повисоко ниво.
Кога ќе почне да се емитува филмот по кината низ Македонија?
ПИПЕРКОВСКИ: Очекуваме дека во најскоро време филмот ќе си го почне својот пат, како во Македонија, така и во светот.
Разговараше: Александра М. Бундалевска
(Интервјуто со Илија Пиперковски е објавено во 160. број на неделникот Република, 25.09.2015)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Последни
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст