Последната дебата на „ГОП“ или „Гренд олд парти“ како што традиционално се именува Републиканската партија одржана во организација на „Си-ен–ен“, не донесе конечен фаворит за републикански претставник во двобојот со кандидатот на демократите, но елиминираше неколку кандидати кои не успеаја да дојдат до значителна поддршка кај јавноста. Сите тие се сосема непознати за македонската јавност, освен можеби, сенаторот Рик Санторум од Пенсилванија, кој и покрај претходното искуство и делумната харизматичност е на врвот на кандидатите што имаат еден или помалку проценти рејтинг и кои немаат речиси никакви шанси да бидат на ливчето со двајца кандидати за претседател на САД догодина. По него, со помалку од еден отсто, следуваат четворица актуелни или ексгувернери и еден сенатор.
Победник на последната републиканска дебата според сите мерила, е аутсајдерот до пред неколку месеци, Карли Фиорина, а сега второрангирана на анкетата спроведена во текот на 72 часа по дебатата. И покрај тоа што Доналд Трамп ја нападна за погрешни чекори во бизнисот додека работела како директор во „Хјулит Пакард“ а сенаторот Соненфилд тврдеше дека додека фирмата губела 60 милијарди долари, таа заработила 100 милиони долари на име на плата и бонуси, советничката на Џон Мекејн на изборите во 2010 одлично ги одби нападите на противниците и ја зголеми довербата меѓу републиканските гласачи. Со тврдењето дека целиот живот била потценета и дека сѐ уште е тешко да се биде жена во САД, со именувањето на Доналд Трамп како „забавувач“ и со цврстиот став дека англискиот јазик треба да остане единствен официјален јазик во САД, шефицата на непрофитната организација „Добро 360“, која како единствена жена меѓу кандидатите дојде на само девет отсто зад сѐ уште најдобро рангираниот републикански кандидат, пребогатиот тајкун Доналд Трамп, кој и покрај падот од 32 отсто на 24 отсто за само три недели, сè уште е на чело на листата на најпопуларните. Зад Фиорина е единствениот Афроамериканец меѓу републиканците, Џон Карсон, чиј рејтинг, слично како и на Трамп, падна за 5 отсто и сега има 14 отсто поддршка.
Промената на расположението кај регистрираните гласачи на републиканците најдобро може да се објасни со ставот на 31 отсто од нив, кои сметаат дека Трамп е губитник и 52 отсто од нив, кои се сигурни дека Фиорина е победник во дебатата. Прецизните Американци пресметале дека дебатата ја гледале преку 23 милиони луѓе, што ја прави една од најгледаните ТВ-програми оваа година.
Главниот судир во дебатата се случуваше меѓу двајцата, сега најдобро рангирани кандидати, кои се единствените што никогаш не работеле на политичка позиција. Тоа за дел од американските политичари значи дека јавноста е заситена од традиционалниот профил на политичар и бара нешто различно како тајкунот и шоумен Трамп, колку и да изгледа тој несериозен во очите на своите ривали. Други пак предвидуваат дека до крајот на трката ќе се види дека класичните политичари како Џеб Буш, кој доаѓа од семејство кое на Америка ѝ дало двајца претседатели, допрва ќе ги покажат своите квалитети.
Најголем добитник меѓу професионалните политичари на последната дебата беше сенаторот од Флорида, Марко Рубио, кој со пораст од 3 отсто и вкупен рејтинг од 11 отсто сѐ уште може да се надева на големото финале, а истото важи и за Џеб Буш, со 9 отсто, Тед Круз од Тексас и Мајк Хакаби од Арканзас, кои имаат по 6 отсто рејтинг. За останатите, Ранд Пол (4 отсто) Крис Кристи (3 отсто) и Џон Касич (2 отсто) се чини дека шансите да ја добијат кандидатурата за претседател се само теоретски. Според анкетата на „Си-ен– ен“, дури 44 отсто од републиканските гласачи сметаат дека Доналд Трамп, кој во светот е исмејуван поради своите несмасни изјави на разни теми, е најдобриот кандидат кој може да се соочи со економските проблеми на Америка. Дури четирипати помалку поддршка на оваа тема има второпласираната Фиорина, на тема економија. Трамп води и на тема имиграција со 47 отсто спрема 15 отсто за Марко Рубио, а изненадување е што Рубио е полошо оценет и кај надворешната политика, иако за разлика од Трамп, кој направи неколку гафови, важи за одличен познавач на глобалните прашања. Во однос на противничкиот табор, републиканците имаат право да се надеваат на победа во пресметката со демократите, особено поради фактот што дури 65 отсто од членството наспроти 51 отсто кај демократската партија е ентузијастички расположено да гласа на изборите.
Темите што го одредуваат рејтингот неретко неразбирливи за Европа
Меѓу економијата и невработеноста, меѓу имиграцијата и прашањето дали шпанскиот јазик треба да биде официјален јазик на САД, меѓу прашањата дали САД треба воено да ја бранат својата глобална дипломатска позиција на дебатите, се појавија и многу прашања кои нема да влијаат ниту на генералната американска внатрешна политика, ниту на глобалните трендови, но можат да влијаат на изборот на иден претседател на САД. Еден од тие моменти беше извинувањето на Џеб Буш, упатено кон неговата мајка и признанието дека во младоста користел марихуана.
Некои кандидати зажалија за дел од своите тврдења на дебатата. Тврдењето на сенаторот Ранд Пол, кој рече дека Саудиска Арабија не примила бегалци од Сирија, беше дочекано на нож од дипломатијата која тврди дека официјален Ријад дал прибежиште на повеќе од 2.5 милиони Сиријци, а претставник на УНХРЦ подоцна изјавил дека околу 500 илјади Сиријци се примени во земјата.
Во незгодна ситуација беше фатен и гувернерот на Њу Џерси, кој изјави дека експретседателот Џорџ Буш го назначил за државен обвинител во Њу Џерси на ден пред уривањето на кулите-близначки, а медиумите веднаш открија дека тоа се случило четири месеци по 11 септември.
Проверката на фактите спроведена од десетина експерти од разни области координирани од „Си-ен-ен“ ја потврдија изјавата на Џеб Буш, кој изјави дека програмата за училишни ваучери во Флорида била создадена додека тој бил гувернер со што тој се спаси да биде обвинет за давање лажна изјава.
Од проверката на искажаните факти куртули и Бен Карсон, кој изјави дека големиот број научни студии направени за врската меѓу вакцинација и аутизмот не докажуваат дека оваа болест се добива со вакцинација. Карсон, кој е детски неурохирург, со ова му се спротивстави на Доналд Трамп, кој претходно посочи студии со кои се обиде да ја докаже поврзаноста меѓу вакцините и аутизмот.
Кандидатите се судрија и на темата за употреба на марихуана за медицински потреби, при што најмногу загуби Кристи, кој иако тврдеше дека поддржувал употреба на марихуана за медицински цели, сепак, законот за имплементација на ваква програма подготвен од неговиот демократски претходник го потпишал дури откако јавно се противел на таквата можност.
Пишува: Горан Момироски
(Текст објавен во 160. број на неделникот „Република“, 25.09.2015)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.