| четврток, 6 декември 2018 |

Париз се запозна со македонскиот туристички потенцијал

охрид

Главните туристички дестинации што ги нуди Македонија за првпат се промовираат на Саемот за туризам „ИФТМ – Топ реса“ што се одржува во Париз.

На саемот, што почна од 29 септември и ќе трае до утре, македонските туристички места се претставени на модерен штанд на кој се нудат и брошури на француски јазик, а посетителите имаат можност да ги дегустираат и македонските вина и сирења.

Промоцијата ја организира Агенцијата за промоција и за поддршка на туризмот, чијшто директор Кристијан Џамбазовски оствари многубројни средби со француски тур-оператори. Тој се сретна и со претставници на ТУИ Франција, кои се заинтересирани да ја понудат Македонија како нова туристичка дестинација во нивните продажни мрежи.

На францускиот пазар од 2013 година почна промоцијата на Македонија како нова и атрактивна туристичка дестинација. Во последните неколку години Македонија беше посетена од француски новинари кои објавија голем број репортажи во „Л Котидиен ду туризм“ , „Травел магазин“, „Л ехо туристик“, „Метро њуз“, „Војажен пратик“, „Л Женералист“, „Ла вуа ду Норд“, „Инфотравел“, „Орс сиркут“, „Радио Франс интернешенел“, „Флер“, „Л Соар“, „Телеграм ТВ Магазин“.

Беше организирано и информативно патување за неколку тур-оператори од Франција, кои веќе ја нудат Македонија како туристичка дестинација.

Саемот во Франција е основан во 1978 година прво во Довил, а од 2008 година се организира во Париз. Секоја година на него учествуваат 29.480 туристички професионалци, 1.200 туристички брендови, 348 штандови, 160 светски дестинации, 1000 претставници на медиумите и новинари и 17 министерства за туризам.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top