| четврток, 6 декември 2018 |

„Маршот на Дрина“ бил навреда

Изведбата на песната „Маршот на Дрина“ во ООН за време на Стара нова година, со која се величи српска победа над Австро-Унгарија од Првата светска војна бил грешка, за што Обединетите нации денес и официјално се извинија.

На изведбата на песната реагирале преставниците на Босна и Херцеговина бидејќи песната била изведувана од српските војници за време на босанската војна.

Вук Јеремиќ, претседавачот на Генералното собрание на ОН, го поканил хорот Вива Вокс од Србија да одржи концерт по повод празникот, при што една од песните која ја отпеале била токму „Марш на Дрина“.

– Искрено жалиме што луѓе беа навредени од оваа песна – изјави Мартин Несирки, портпаролот на Обединетите нации.

На изведбата на хорот Вива Вокс присуствуваше и генералниот секретар на ОН Бан Ки Мун, кој на српски јазик ја честиташе Стара нова година, а заедно со Јеремиќ аплаудираше за време на маршот.

Јеремиќ, од своја страна, ги отфрла критиките за изведбата на маршот.

„Овие напади се жални обиди да се измени значењето на овој музички подарок, кој му го понудивме на светот и претставуваат длабока навреда за српскиот народ. Песната ’Марш на Дрина‘ има централно место во нашето сеќавање на одбраната од агресорите во Првата светска војна, во текот на која Србија загуби една третина од своето машко население, во битките на кои се боревме на страната на сојузниците“, пишува во соопштението на Јеремиќ.

Како претседавач на Генералното собрание на ОН, Јеремиќ се прослави со пораките кои ги испраќа преку социјалните мрежи, како кога ја спореди состојбата на Косово со Хобитот и неговата борба против „лошите Орки и силниот змеј“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top