Кратово и Берово се првите општини што ги завршија проектите што се одобрени за финансирање. Преку програмата 78 општини во Македонија што аплицирале со 141 проект ќе добијат 23 милиони евра, од кои 13,5 милиони евра се грант од ИПА, 4,4 милиони се од Буџетот на Република Македонија, а пет милиони евра од буџетот на општините. Руралните општини ќе добиваат по 260.000 евра, додека урбаните по 120.000 евра грант, кој треба да биде насочен за проекти во руралните делови од тие општини.
На Кратово и на Берово им се даваат неповратни средства во износ од вкупно 385.000 евра, од кои Општина Берово добива грант од 125.000 евра за изградба на улиците „Даме Груев“ во населеното место Русиново и „Маршал Тито“, која почнува од плоштадот и води кон Беровско Езеро. Дополнително Берово ќе добие уште 135.000 евра за изградба на пазар кога ќе биде завршена проектната документација.
Општина Кратово, пак, добива неповратни 260.000 евра наменети за изградба на паркинг во градот Кратово, изградба на локалниот пат во населеното место Железница и реконструкција на собирната улица „Гоце Делчев“ во Кратово. Целосната инвестиција на проектот за Кратово е 298.000 евра од кои општината ќе обезбеди 38.000 евра.
– Ова се првите две општини што добиваат средства од европските фондови за реализација на значајни проекти, а ќе следи потпишување договори за грант и со сите 78 останати општини во Република Македонија кои поднесоа документација што етапно се разгледува, проверува и се комплетира. Очекувам во скоро време да овозможиме и во останатите општини да започне изградбата на значајни инфраструктурни проекти – рече вицепремиерот и министер за финасии Зоран Ставрески по потпишувањето на договорите.
Тој им се заблагодари на граѓаните на ЕУ кои, како што рече, обезбедија средства за реализација на овие проекти.
– Тоа се средства кои ние ги почитуваме и ги користиме за економски развој на Република Македонија. Со реализацијата на овој проект и на оваа Програма ќе се зголеми економскиот и социјалниот развој и ќе се овозможи порамномерен регионален развој на земјата. Со подобрувањето на инфраструктурата во руралните средини, пак, ќе се овозможи подобар живот на граѓаните кои живеат во тие населени места – рече Ставрески.
Евроамбасадорот Аиво Орав истакна дека договорите за грант меѓу Министерството за финансии и општините Кратово и Берово се потпишуваат во рамките на Фондот за рурални инвестиции со вкупна сума од околу 20 милиони долари што се администрира од Светска банка, кофинансирана од ЕУ и Министерството за финансии.
– Речиси сите општини во земјата ќе имаат корист од овие фондови, а поголем дел од средствата ќе им се дадат на руралните општини за да се придонесе за регионален развој. Во Кратово и Берово ќе се спроведат вкупно пет проекти чија цел е да се подобрат сообраќајните услови и безбедноста на пешаците, како и пристапот до одалечените населби. Овие проекти не само што ќе го подобрат животот на граѓаните, туку ќе придонесат и за економскиот развој на општините – рече Орав.
Изрази надеж дека секое евро од грантовите кои доаѓаат од граѓаните на ЕУ ќе се искористи ефикасно за земјава да се приближи поблиску до ЕУ.
Градоначалникот на Кратово Мите Андоновски посочи дека средствата од грантот се од големо значење посебно за руралните општини.
– Средствата ќе се искористат за решавање на голем број инфраструктурни проблеми во општината со што ќе се подобри квалитетот на живеење на граѓаните – рече Андоновски.
Неговиот колега од Берово Драги Наџински рече дека средствата од грантот ќе бидат искористени за објектите за кои се предвидени. Нагласи дека администрацијата на Општина Берово работи добро и навремено аплицира со проекти.
– Се надевам дека и во иднина ќе продолжиме со ваквиот начин на работа кој обезбедува решавање на инфраструктурните и другите проблеми на жителите на Берово – рече Наџински.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.