| четврток, 6 декември 2018 |

Антиќ: Во САД го почуствував расизмот, а во НБА одбив да им ги носам торбите

pero antic 1

Перо Антиќ мина две години во НБА, во Атланта хокс, како прв македонски кошаркар во најсилната професионална лига на светот, а за „Јутарњи лист“ говори за искуството од настапите преку океанот и за новите предизвици како член на Фенербахче.

„Со 31 година дојдов во НБА, а тие ми дадоа торбица за да им ја разнесувам опремата. Им ја оставив пред врата и одбив. Респект, но јас имам 31 година и не сум никаков дебитант. Почетокот беше чуден, нормално дека требаше време за адаптација, но севкупно гледано минав одлично. Не очекував дека ќе играм по 17 минути во просек во Атлатна. И дека ќе бидам шести играч во силен клуб од НБА лигата. Остваривме клупски рекорди, резултати што и легендите пред нас не ги направиле. Можеби и ќе се вратам еден ден, бидејќи останав во добри односи со тренерот и со луѓето од клубот“ – вели Антиќ.

Тој стаса и до насловните страници на светските медиуми по инцидентот во ноќниот клуб во Њујорк, по кој заедно со соиграчот Табо Сефолоша беа упасени од полицијата. Перо заврши во притвор, но подоцна беше ослободен од сите обвиненија.

„Тоа беше класичен пример за расизам. Табо излезе од автомобилот за да му даде 20 долари на бездомник и беше забележан од полицајци кои беа белци. Тргнаа да го туркаат и веднаш почнаа со апсење. Тој е мој пријател и нормално дека се вмешав, дури и по цена да бидам уапсен. Едноставно не можев да го оставам сам. Никогаш не добивме објаснување за тоа што се случи, судскиот процес заврши. Имав можност да ја тужам полицијата, но сакав само целата таа епизода да ја оставам зад себе. Бескрајно сме им благодарни на луѓето од Атланта што застанаа зад нас и ни помогнаа да ја кажеме вистината, бидејќи во Европа во слична ситуација речиси сигурно ќе бевме отпуштени од клубот“, објаснува Антиќ.

Летово по двегодишната НБА авантура, тој потпиша за Фенербахче, клуб што има големи амбиции да атакува и на европската круна.

Сакав повеќе да бидам со семејството. Дојде понуда од сериозен клуб како Фенербахче и веднаш прифатив. Имам можност да работам со голем тренер како Обрадовиќ и да се борам за нова европска титула. Тоа беше пресудно“, заврши Антиќ.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top