| четврток, 6 декември 2018 |

Нема Македонци меѓу загинатите во Мека

Нема загинати аџии од Македонија во стампедото што се случи денеска во Мека, соопшти поглаварот на ИВЗ Сулејман Реџепи.

Најмалку 717 лица од различни националности загинаа и 805 се повредени во денешното стампедо во долината Мина, во близина на саудискиот град Мека, за време на еден од ритуалите на годишното поколонение (аџилак), според најновите податоци на саудиската цивилна заштита.

Најголемиот број од жртвите се постари или лица со инвалидност.

Телевизијата Ал Џазира јави дека инцидентот се случил на улица околу која се наоѓаат времените кампови каде што во повеќе од 160.000 шатори се сместени аџиите.

ТАСС информира дека причина за трагедијата е дефект на еден воз на релацијата од Мека до Мина, поради што се блокирале вратите. Кога возот пристигнал на перонот настанала турканица во обид на аџиите да дојдат до возот.

Во акцијата за помош на настраданите се вклучени повеќе од 4.000 лица. Според официјалните податоци, на аџилакот оваа година има два милиона луѓе.

Аџилакот е еден од петте столбови на исламот и секој муслиман е должен барем еднаш во животот доколку е способен да замине на аџилак.

Од Македонија на аџилак во Мека во моментов се околу 1.000 аџии.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top