| четврток, 6 декември 2018 |

(ВИДЕО) САД испрати противракетни системи, Северна Кореја одобри планови за нуклеарен напад, Кина се концентрира на корејската границата

severna koreja kinaСАД соопштија дека наскоро ќе испратат противракетни системи на Гуам, за да се одбранат од Северна Кореја чие раководство денеска порача дека авторизирало планови за нуклеарен напад врз американски цели.

Пјонгјанг повтори закани дека ќе преземе нуклеарни напади врз САД. Режимот на Северот објасни дека ратификувале наредба за можни напади бидејќи армијата на САД распоредува сили околу Корејскиот полуостров што според нив, е подготовка за можен напад врз Северна Кореја.

– Вашингтон е известен за можен напад од страна на Северна Кореја, изјави претставник на армијата во соопштение кое го пренесоа севернокорејски медиуми. Не е познато како тоа предупредување е предадено бидејќи Северна Кореја нема дипломатски односи со Вашингтон.

Соопштувајќи за веста за засилена одбрана на Гуам, американскиот секретар за одбрана Чак Хејгел изјави дека некои од акциите што ги презема Пјонгјанг „претставуваат реална и јасна опасност“.

Неколку часа подоцна Јужна Кореја соопшти дека Северна Кореја префрлилла она што изгледа дека е ракета од среден дострел Мусудан на источниот брег (до 3.000 км).

– Не е јасно дали Северот планира да испука ракета или само ја покажува како демонстрација на сила, изјави воен претставник за јужнокорејски медиуми.

Северна Кореја денеска повтори дека ќе ја затвори заедничката индустриска зона каде 123 јужнокорејски фабрики запослуваат 53.000 работници од Северот доколку Владата во Сеул продолжи со навреди и влошува ситуација споменувајќи за можни воени акции против нив.

Случувањата на Корејскиот полуостров почнаа да иритираат и светски финансиски пазари.

– Претпоставката е дека тоа се само празни закани, вели Роб Рајен аналитичар на РБС од Сингапур. – Но, оттогаш дојдовме на ниво на тензии кои укажуваат дека работите не може да бидат полоши освен да се случи размена на оган.

Индексот на акции во Азија и Пацификот, вон Јапонија, е намален за 0,6 проценти со два проценти помалку во Јужна Кореја во која валутата „падна“ 0,7 отсто во однос на доларот. Американските акции „паднаа“ по изјавата на Хејгел и вестите за распоредување на противракетни системми на Гуам.

Кетлин Хејден, претставник на Националниот совет за безбедност во Белата куќа го критикуваше најновото соопштение на Северна Кореја.

– Тоа е уште едно во низата провокативни соопштенија кои служат само уште повеќе да се изолира државата од остатокот на светот и да се упропастат нејзините цели за економски развој, изјави Хејден.

Кинеската армија е во состојба на зголемена борбена готовност и прави планови за одговор во случај на засилување на тензиите на Корејскиот полуостров, јави ДПА повикувајќи се на извори.

Кинески генерали стравуваат за безбедноста на севернокорејските нуклеарни објекти од евентуален бран бегалци кон Кина, изјави изворот кој имал средби со неколку генерали.

Тие исто така стравуваат дека воинствената реторика на Пјонгјанг може да доведе до случајна воена конфронтација која ќе го вовлече Корејскиот полуостров. Плановите за реагирање во непредвидени ситуации даваат можност кинески сили да навлезат во Северна Кореја ако биде предизвикан судир, за да гарантираат ебзбедност на севернокорејски нуклеарни објекти и да спречат евентуална нуклеарна катастрофа. Засега непотврдени се инфорациите дека Кина испратила засилување во близина на границата со Северна Кореја.

Во меѓувреме, американското Министерство за одбрана соопшти дека одобрило продажба на 60 борбени авиони на Јужна Кореја, во момент на најголема криза меѓу Северна и Јужна Кореја во изминатите неколку децении.

Во Вашингтон тврдат дека договорите за продажба се направени претходно. Како можни модели американски медиуми ги споменуваат Локхидов стелт Ф-35 или Боинг Ф-15.

Пентагон го известил Конгресот за можна продажба на летала како и радарски системи и електронска опрема.

Телевизиската мрежа СиЕнЕн направи симулација за почеток на евентуалниот судир и напад врз Јужна Кореја во анализа со поранешниот американски генерал Џејмс Маркс.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top