| четврток, 6 декември 2018 |

Не исклучувајте ги светилките преку ден, сè уште се казнува според законот

Возење со вклучени светилки преку ден или не? Измените на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, кои се сѐ уште во собраниска процедура, направија забуна кај возачите. Дури и професионалните возачи се во заблуда дека веќе не треба да се вози со вкличени светилки, откако во јавноста се појави информацијата дека измените предвидуваат укинување на обврската возилата да се управуваат со вклучени светилки и дење. Сообраќајната полиција се придржува на постојниот закон – казна од 35 евра доколку светилките не ви се вклучени. Возачите негодуваат дека тоа веќе не важи.

koli sud 2

За расчистување на оваа дилема, претседателот на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП), Стојче Стаменковски, во изјава за „Република“ нагласи дека за возачите важи стариот закон и обврската за возење со вклучени светла треба да се почитува.

– До донесување и стапувањето во сила на новото законско решение сè уште важи стариот закон и неговото непочитување, односно возење без светилки предвидува соодветни законски казни – дециден е Стаменковски.

Постојниот – важечкиот Закон за безбедност на сообраќајот на патиштата предвидува задолжителна обврска за  24 часовна употреба на светлата за осветлување на патот.

– Ваквото законско решение, Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата го подржува од причини што постојаната употреба на светилките придонесува за поголема видливост на учесниците во сообраќајот,  а со тоа и поголема безбедност на сообраќајот на патиштата во Република Македонија – вели Стаменковски.

Според претседателот на РСБСП, употребата на светлилките во денски услови особено е важна за  безбедноста на мотоциклистите во сообраќајот бидејќи на тој начин се создаваат предуслови тие навремено да ги забележат другите учесници во сообраќајот и соодветно да ја проценат нивната состојба, односно благовремено да утврдат дали другите учесници во сообраќајот се во состојба на мирување или се движат и со која брзина се движат.

– Со употребата на денските светилки покрај поголемата видливост, исто така се придонесува за олеснување на возачите точно и прецизно да ја проценат патеката на движење на возилата што наидуваат од спротивната страна – нагласи Стаменковски.

Токму затоа, од РСБСП очекуваат задржување на старата одредба од 24-часовна употреба на светилките.

– Имајќи ги предвид овие факти,  очекуваме  амандманската расправа во Собранието по предлог-законот за безбедност на сообраќајот на патиштата да придонесе за промени во предложените законски  решенија и задржување на старата одредба од 24-часовна употреба на соборените (средни светилки) – истакна Стаменковски.

На последната јавна дебата за Предлог-законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ најави дека ќе поднесе амандаман со кој ќе бара и натаму да остане обврската возилата да се управуваат со запалени светла и дење. Амандамни за овој закон најави и независната пратеничка Роза Топузовка – Каревска, која смета дека текстот треба да претрпи измени.

Пратениците, но и претставниците на неколку здруженија, сметаат дека возилата треба да се управуваат со запалени светилки бидејќи на тој начин се зголемува безбедноста во сообраќајот.

Од РСБСП велат дека веднаш по донесувањето на законот ќе ја информираат јавноста за сите законски измени и новини околу учеството на граѓаните во сообраќајот.

 

Пишува: Јана Јосифоска

 

 

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top