Водата од градскиот водовод во Струга бактериолошки и хемиски е исправна и содржи потребни количини хлор, покажале резултатите од последните микробиолошки испитувања.
Раководителот на Центарот за јавно здравје од Охрид Атанаско Михаилов информира дека забраната за пиење и користење на водата од струшкиот водовод останува додека не се направат три до пет последователни анализи кои ќе покажат отсуство на патогени бактерии.
Во земените мостри не се најдени патогени материи и има хлор во законски определените граници, што значи дека водата е исправна, но забраната за употреба останува. Законски треба три до пет последователни дена да се прават анализи и сите да бидат исправни за да може да се симне забраната за употреба на водата за пиење и за готвење. Иако во моментов водата е исправна таа е забранета за употреба, појасни Михаилов.
Според него, Центарот за јавно здравје зема мостри вода секој ден од различни локации низ градот, а резултатите ќе бидат доставени до надлежниот инспектор за храна, кој доколку има отсуство на патогени бактерии треба да донесе решени за симнување на забраната за употреба на водата од струшкиот водовод.
Анализата на водата од градскиот водовод во Струга направена минатата недела покажале недостаток на хлор и присуство на колиформни бактерии, како ешерихија коли, по што надлежниот инспекторат донесе забрана за нејзина употреба.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.