Во организација на НУЦК „Антон Панов“ во Струмица викендов се одржа филмска вечер со проекција на три кусометражни филмови во режија на Горан Тренчовски. Филмската вечер е насловена како ЛИЦА, СПОМЕНИ.
„Клошари и плакати“ (1994) е документарно-игран филм кој говори за еден автентичен скопски клошар. Таткото и синот стануваат питачи тогаш кога ja губат невестата – мајка на семејството. Наспроти нив е опкружението од плакати и лажни ветувања.
„Духот на татко ми” (2010) е возбудлива документарна филмска приказна во која беседат дваесетина современици на Шишков и негови најблиски, роднини и соработници, како и синот Васил, во својство на наратор. Во документарецот низ бројни филмски инсерти се испреплетени и моменти од животот и делото на овој актерски великан.
„Игра и спас“ (2013) е краток игран филм чиешто дејствие се случува пред и по последните немири на векот, во филмска иконографија на еден фикционален свет составен од интимистички и хиперреални секвенци од животот на еден младич од периферијата. Глигор, навраќајќи се на драматичните сцени од своето минато, кога славата и возбудата биле едиствената поткрепа за верба во времето што наближува – од пукотливите игри за стрeлање птици, од нежните мигови со Марија, од туѓиот подбив и од бесмислените херојства – конечно на крајот излегува од тој апсурден обрач, како нов, пречистен и преобразен човек, посветен кон родното огниште и Божјото спасение.
Овие три филма на Тренчовски се оценети како инвентивни и модерни филмски производи во полето на краткиот и документарниот аудиовизуелен израз и се прикажувани на голем број меѓународни фестивали.
Во нив може да се препознаат лицата на четгворица еминентни македонски актери: Кирил Здравески, Зора Георгиева, Ристо и Васил Шишкови. Сите четворица се органски поврзани со Струмица и нивните актерски остварувања оставија длабоки траги не само во македонското туку и во меѓународното културолошко милје.
Режисерот Тренчовски наскоро треба да започне со снимањето на долгометражниот игран филм под работен наслов „Златна петорка“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Специјална проекција на филмот „На мапата“ посветен на Тал Броди, кошаркар на „Макаби“
-
„Младешка осаменост“ – хибридниот документарец на Клер Симон во кината низ Македонија
-
Детскиот филм „Господин Мол и фабриката за чоколадо“ во кината низ Македонија
-
„Македокс“: Зимска реприза на филмот „Над возможното“ во кино Култура