| четврток, 6 декември 2018 |

Граѓаните од Струга не знаеле дека водата е загадена

Граѓаните на Струга се револтирани од односот на надлежните институции затоа што не биле информирани дека водата од градскиот водовод во Струга според последните анализи на Регионалниот центра за јавно здравје од Охрид, е неисправна за пиење, бидејки во неа е констатирано присуство на колиформни бактертии, како ешерихија коли и други, објави „Телма“.

Невладините организации обвинуваат дека ваквата состојба се провлекува подолг период. Доколку не се реагира, тие најавуват протести и блокирање на магистралниот пат Струга – граничен премин Ќафасан.

Од Дирекцијата за храна, на чие барање се извршени анализите, вчера потврдиja дека е изречена забрана за користење на водата за пиење само во Калишта, но засега не се прецизира дали вакви проблеми има во водоснабдителниот систем во целата општина.

Од локалната самоуправа за пробемот упатуваат на ЈП  Водовод. Оттаму потврдија дека анализата направена на мостри од градскиот водовод во Струга направена во четвртокот покажала бактериолошка неисправност, објаснувајќи дека тоа се должи на недостаок на хлор, без притоа да посочат колкав период состојбата била таква. Додаваат  дека во меѓувреме се набавени потребните хемиски средства, и извршено е прочистување на градскиот водовод, како и дека сега водата од градскиот водовод е исправна за пиење.

Граѓаните на Струга велат дека за проблемот со водата за пиење се информирале од медиумите и социјалните мрежи, каде се споделуваат информации дека повеќе лица изминатите денови се пожалиле на стомачни проблеми.

Од болницата во Струга, пак, изјавија дека кај нив не е забележано зголемување на бројот на пациенти со симптоми на диареа и повраќање.

Дали водата за пиење од градскиот водовод во Струга е исправна за пиење, ќе покажат новите анализи на регионалниот центар за јавно здравје, кои според најавите, ќе бидат направени утре, а резултатите од истите се очекуваат во вторник.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top