Гумен чамец со 46 бегалци потона утринава во близина на грчкиот остров Лезбос по судар со траект, при што загинаа најмалку 13 бегалци, меѓу кои и неколку деца, јавуваат турските медиуми.
Меѓу жртвите се четири деца, а 20 лица се спасени, додека по 13 се уште се трага.
Чамецот со бегалците испловил од турското пристаниште Чанакале, во северозападниот дел на земјата кон грчкиот остров Лезбос.
Во соопштението на грчката крајбрежна стража се наведува дека литвански хеликоптер на Агенцијата на ЕУ за контрола на границите „Фронтекс“ рано утринава забележал луѓе во морето во близина на југоисточниот брег на Лезбос.
Во областа веднаш се упатени два брода на крајбрежната стража, кои спасиле 20 лица. Според спасените бегалци со чамецот патувале 46 лица.
Од почетокот на годината на грчките брегови од Турција пристигнале стотина илјади бегалци, во најголем дел Сиријци и Авганистанци, кои бегаат поради судирите и борбите во нивните земји.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.