Портпаролката на Европската комисија, Маја Коцијанчич, потврди дека Европската комисија не планира „свежи пари“ во однос на помошта од 24 милиони евра за Република Македонија во соочувањето со бегалската криза, која вчера ја најави еврокомесарот за преговори за проширување Јоханес Хан.
Како што јавува дописникот на МИА од Брисел, Хан вчера објави дека 12 милиони евра или половина од сумата што неформалната Влада на Унијата ѝ ја дава на Македонија, всушност е веќе обезбедена преку Инструментот за претпристапна помош (ИПА 1) во изминатиот период. Другите 12 милиони евра, пак, исто така, се планирани од ИПА 2, со релокација и прераспределување на дел од планираните средства-помош на Брисел за нашата земја.
– Како што знаете, ние имаме многу јасно програмирање и ова е апсолутно потребно ако сакаме да помогнеме долгорочни проекти и приоритети. Во моментов, кога станува збор за ИПА, специфично за пари што веќе се дадени или се планираат врз база на постоечки програми. Ние бараме можност за понатаму да ги пренасочиме парите и тоа не е сè. Ние, исто така, користиме хуманитарни фондови и знаете кога станува збор за Македонија, ние објавивме преку летото, кога овој механизам беше активиран – посочи портпаролката на Еврокомисијата.
Сепак, според Коцијанчиќ, ЕУ планира и бара начин како уште повеќе да им се помогне на земјите-кандидати за членство во Унијата што најмногу страдаат од бегалската криза, како што е случај со Македонија и Србија.
– Ние гледаме на сите опции да понудиме максимална поддршка – нагласува Маја Коцијанчич.
Како што е познато, во шестгодишната програма (2014 – 2020) на ЕУ за помош на Македонија преку новиот Инструмент за предпристапна помош, официјален Брисел планира околу 600 милиони евра со цел засилување на државните капацитети, инфрструктурна помош и асистенција за други потреби на државата. Токму од овие средства, 12 милиони евра се планирали да се релоцираат и Македонија да ги искористи во контекст на бегалската криза.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.