| четврток, 6 декември 2018 |

Поддршката од Полска е само добар почеток

Следниот самит на северноатлантската алијанса е закажан за 8 и за 9 јули в година во главниот град на Република Полска, Варшава. Со секоја најава за самит на НАТО и кај нас се отвораат дебатите за тоа колку е реално да се надеваме на добивање на поканата, која во 2008 година беше напишана во Букурешт, но никогаш не беше испратена до Македонија поради познатите грчки ставови за името. Тоа што повторно буди надеж дека, конечно, би можеле да станеме формален дел од алијансата, за разлика од претходните неколку самити, е крајно поларизирана атмосфера на глобален план и, делумно, принципиелниот и пријателски однос, кој Македонија го има со организаторот Република Полска

goran-momiroski-kol-90x115

Колумнист: Горан Момироски

Самитот ќе се случи во драматичен период за алијансата, во моменти кога евроатлантската безбедност е загрозена од југ и од исток, рече генералниот секретар на НАТО, Столтенбер, во мај, при објавување на местото на следниот самит. Оттогаш работите не само што не се променети, туку се уште повеќе усложнети.

Русија, како главен ривал на НАТО во поделбата на влијанија на светско ниво, закрепна од првичниот удар на западните санкции, постигна неколку договори со Кина и го засили своето влијание во централна Азија. Во исто време, Путин отворено ја покажа желбата да биде играч на Балканот преку предлозите за изградба на гасоводот „Турски тек“ и отворено се стави на страна на режимот на Асад во Сирија со што дополнително ја испровоцира алијансата. Претходно, Русија постигна договор со Кипар, кој не е членка на НАТО, но е дел од ЕУ, да користи морска база на само неколку километри од базата на НАТО, со што значително ја подобри својата стратегиска позиција во Средоземно Море. Во исто време, покрај загубата на влијанието во огромни делови на Ирак, кои се под контрола на Исламска држава, НАТО се соочува со проблеми и во Авганистан, каде што не успеа да наметне долгорочни самоодржливи принципи на политичка култура и му се заканува судбината на руската армија, која се повлече пред талибанското движење. Во такви услови НАТО мора да преземе нови чекори со кои ќе го врати угледот во светски рамки.

Според претставниците на Полска, еден од тие чекори би можел да биде проширување на алијансата со две нови членки, Македонија и Црна Гора. На оваа тема стана збор пред четири години, кога во Варшава американскиот претседател Обама се сретна со шефовите на држави и на влади на десетина земји од централна и од јужна Европа, но и на состанокот на министерот за одбрана Зоран Јолевски со полскиот вицепремиер и министер за одбрана Томаш Симонијак. „Полска има морална обврска да го поддржи приемот на Македонија и на Црна Гора во НАТО, со што ќе се стабилизира состојбата во Југоисточна Европа“, изјавил по средбата Симонијак за полските медиуми. Се разбира, освен можноста за оваа своја изјава полскиот министер да се консултирал со врвот на НАТО во Брисел, постои можност таа да е дел од вообичаениот дипломатски протокол, без сериозна заднина.

Сепак, Полска како најголемата и највлијателна земја од таканаречената „Нова Европа“ има капацитет, особено како домаќин на самитот на НАТО в година, барем да го постави на маса прашањето за прием на Македонија во алијансата. Се разбира, тоа не може да биде доволно, но може да биде дел од критичната маса со која Македонија и нејзините вистински пријатели, можат да лобираат на оваа тема. Специфичната ранлива позиција на Грција по последниот пакет за помош од меѓународните кредитори, од кој најголем дел се членки на НАТО и на ЕУ, делумно создава предуслови за почеток на една ваква дебата на меѓународно ниво. Во тој контекст не може да се очекува дека Грција а приори би се повлекла лесно од своите црвени линии, но доколку на билатерално ниво Македонија и Грција направат значителен напредок по предложените и прифатени мерки за градење доверба, би можело да се дојде до позиција што значи надеж.

(Текст објавен во 158. број на неделникот Република, 11.09.2015)

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top