Српскиот претседател Томислав Николиќ денеска изјави дека одговорноста за решавање на мигрантската криза лежи главно врз основачите на Европската унија, кои топчето на тешката ситуација речиси исклучиво и го префрлаат на Србија, што не е ниту морално, ниту природно, а нема да биде ни оддржливо бидејќи ситуација се измолкнува од контрола, јавува Танјуг.
-Доколку некој во Европа сериозно размислива за сигурноста и безбедноста, но и за опстанокот на континентот, време е конечно да кажат што ќе биде и тоа да го спроведат сите држави членки на ЕУ – рече Николиќ пред новинарите во Белград.
Во спротивно, смета српскиот претседател, може да дојде до парадокс, бидејќи досега соседните држави фрлаа солзавец врз луѓето на наша територија, а ако почнат и да ги рануваат, тоа би можело да предизвика лоши односи со тие држави.
-Без разлика што тоа не се наши граѓани, тие се наоѓаат на наша територија – додаде Николиќ.
Тој истакна дека е “очигледно дека се појави себичност меѓу некои членки на ЕУ, која веројатно е поттикнувана“.
Српскиот народ не е себичен и ќе изддржи колку и да мора, рече Николиќ.
-Се додека има за нас ќе има и за мигрантите кои се присилени да поминат повеќе време во Србија отколку што планирале и отколку што е тоа нормално – рече Николиќ.
Тој оцени дека е апсурдно стандардите повеќе да ги почитува земја која не е членка на ЕУ, отколку членки кои се „отргнаа од контролата“, а не добиваат никаков совет, прекор, ниту инструкција од Брисел.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.



