Македонскиот дипломат и публицист Драган Јањатов реагираше на одлуката на украинскиот претседател Петро Порошенко да го стави на црната листа на новинари, политичари и активисти на кои им е забранет влез во Украина. На листата има безмалку 400 лица, меѓу кои и новинари од голем број медиуми, вклучително и од Би-би-си, Ел, Паис и Дие Цајт, а од Македонија, покрај Јањатов, под санкции се најде и уредникот на весникот Дневник Христо Ивановски. На сите лица на листата им е забранет влез во Украина, под образложение дека со своите постапки го нарушувале територијалниот интегритет на земјата.
– Ставањето на моето име на штотуку објавената украинска „црна листа“, покрај имињата на околу 400 истакнати личности од Европа и од светот, не е изненадување. Имено, во неколку мои текстови и изјави, посветени на теми поврзани со украинско-рускиот спор и објавени во последниве три години во македонските медиуми, настојував објективно да ги презентирам контекстот, причините и развојот на оваа криза, а особено оние, поврзани со кршењето на човековите права. Иронично, смешно е што моите заложби за објективно толкување на различни аспекти на кризата која прерасна во војна, како и моето категорично заземање за нејзино мирно решавање, без разурнувања и големи жртви на обете страни, во документот на украинските власти е оквалификувано како „опасност по безбедноста за Украина и за украинскиот народ“, за кои впрочем никогаш не сум пишувал или зборувал во негативен контекст, туку сум ги почитувал ниту помалку, ниту повеќе отколку Руската Федерација и нејзиниот народ, пишува Јањатов во својата реакција.
Според него, изготвувањето на украинската „црна листа“ е потврда дека политички кругови во Украина се обидуваат со санкции да обезбедат пред нивната јавност да допре еднострана слика за состојбите во земјата. Јањатов вели дека причината за ова е „потребата да се прикријат флагрантното кршење на човековите права на голем дел од украинското руско етничко население и непочитување на основните одредби на меѓународното право и документите на ООН“.
– Се надевам дека епилогот од овој меѓусоседски спор на двата братски народа, кој не е единствен во историјата на нивните односи, сепак, ќе претставува и најдобар демант на погрешниот чекор на украинското раководство во однос кон сите овие 400 „санкционирани“ угледни и познати личности, вели Јањатов во својата реакција.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Украинските морнари признале: Добивме задача, влеговме во руски води и тука чекавме наредби
-
Македонија и Украина ќе ја интензивираат политичката и економската соработка
-
Бота Сот: 37 Албанци се на „црната листа“ на САД, од нив тројца се од Македонија
-
ФЕНИ го купува конзорциум кој е на црна листа за перење пари