Одлуката на Владата на Република Македонија да ме номинира за позицијата Генерален секретар на ООН за мене лично претставува голема чест и признание за мојата досегашна дипломатска работа и активности на меѓународен план, вели во денешната писмена изјава Срѓан Керим, поранешен шеф на македонската дипломатија и 62. претседател на Генералното собрание на Организацијата на обединетите нации.
Ќе вложам, додава тој, максимални напори на достоинствен начин, со убедлива аргументација да ја добијам поддршката на земјите-членки на Обединетите нации.
– Досегашниот процес на консултации претставува солидна основа да се движиме успешно кон посакуваната цел. Познавајќи го начинот на функционирање на Обединетите нации и системот на донесување одлуки очекувам исклучително напорни и сложени консултации, со докрај неизвесен исход – вели тој.
Убеден сум, нагласива Керим во изјавата, дека нема да ја изневерам довербата искажана од страна на Владата на Република Македонија, како и очекувањата на целата македонска јавност.
Владината прес-служба вчера соопшти дека Владата на Република Македонија реши да го номинира Срѓан Керим за функцијата генерален секретар на ООН.
Источноевропската група во ООН на која припаѓа и Република Македонија во ноември 2014 година зазeде заеднички став дека следниот генерален секретар на Светската организација, по основа на системот на ротација, би требало да биде избран од нејзините редови.
Како резултат на дипломатски консултации и високите оценки за неговото меѓународно искуство, познавање на глобалните светски процеси и квалификации, а особено широкото признание меѓу земјите членки за претседавањето со Генералното собрание на ООН, Владата на Република Македонија оценила дека Срѓан Керим е личност што ги исполнува неопходните услови и критериуми да биде кандидат за функцијата генерален секретар на ООН.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Керим за политичката криза во Македонија и за предложените реформи во ОН
-
По првиот круг од гласањето за нов генерален секретар на ОН: Керим меѓу првите тројца кандидати
-
Срѓан Керим: ЕУ не смее да остави Македонија сама да се соочува со бегалците
-
Мирчев: Керим има реални шанси за генерален секретар на ООН