Андреј Жерновски, кандидатот за градоначалник на скопската општина Центар од коалицијата „Сојуз за иднината“, давал неточни и нецелосни информации за неговиот имот. Оваа ситуација создава основа за барање кривична одговорност, соопшти Државната комисија за спречување на корупцијата, а јави МИА.
Бил направен увид во сите анкетни листови што ги дал Жерновски во својство на пратеник од 2003 година до денес, обезбедените имотни листови за имотот што се води на негово име во Агенцијата за катастар на недвижности и документите од Централниот регистар на РМ.
– Врз основа на вака направениот увид, Комисијата констатира низа неправилности со кои е прекршен Законот за спречување на корупцијата во согласност со кој избраните и наименуваните лица податоците ги даваат на пропишан образец и се должни да ги дадат сите барани податоци со детален попис на имотот и со обврзно наведување на основот на здобивање. Со споредбата меѓу посочените документи и обврските од Законот за спречување на корупцијата, Комисијата заклучи дека Жерновски има давано неточни и нецелосни податоци за својот имот, кои се разликуваат во повеќе сегменти, и тоа: во адресите, во наведената квадратура, во основот на здобивање на имотот и во деловите врз кои лицето има право на сопственост, односно на користење имот – стои во соопштението од Комисијата.
Ваквата фактичка состојба, се додава, овозможува поведување две постапки што произлегуваат од Законот за спречување на корупцијата, прекршочна постапка и барање до УЈП за испитување на имотот и имотната состојба. Фактите истовремено создаваат основани сомневања дека има елементи од кривичното дело противправно здобивање и прикривање имот од членот 359-а од Кривичниот законик на РМ.
Како што се појаснува, Државната комисија за спречување на корупцијата отворила предмет по информациите во јавноста за имотот на Андреј Жерновски на сопствена иницијатива на 21 март, а во контекст на анкетните листови што ги има доставено како пратеник од ова тело, во врска со неговиот имот. До Комисијата вчера, во однос на имотот на Жерновски, претставка поднесе и ВМРО-ДПМНЕ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.