| четврток, 6 декември 2018 |

Стаменов: Нема да се дозволи манипулација со цената на грозјето

грозје

Државниот инспекторат за земјоделство во континуитет 24 часа е на терен и работи и во неработни денови со цел да не дозволи изигрување на Законот за вино. Нема да дозволиме некој  да ги злоупотребува земјоделците и да ги изигрува на начин кој не е професионален и е спротивен на законот, порача денеска директорот на Инспекторатот, Румен Стаменов.

– Имаме откупни компании кои го користат начинот на плаќање со цел да ја намалат цената на грозјето и ветуваат дека ќе им платат на земјоделците за два до три дена и ја намалуваат цената на шеќерните единици. Тоа е спротивно на Законот за вино, кој јасно кажува дека цената објавена на почетокот на винската година, која е договорена за оваа година помеѓу производителите и откупувачите и објавена како официјална во сите откупни пунктови – 0,68 денари за сорта „вранец“ и 0,64 денари за сорта „смедеревка“ по шеќерна единица, не смее да биде намалена во текот на винската година, се до август следната година. Може да ја зголемуваат, меѓутоа не смее да се намалува- изјави Стаменов по посетата на Лозово.

Тој прецизира дека вчера во Кавадарци Инспекторатот затвори едно откупно место поради намалување на цената на шеќерните единици.

– Денеска сме на консултации и во темелна контрола во Лозово во винарска визба и јасно кажуваме дека како Државен инспекторат, како Влада нема да дозволиме некој да ги злоупотребува земјоделците и да ја намалува договорената откупна цена за винското грозје- рече Стаменов.

Нагласи дека Инспекторатот веќе дал јасни насоки, укажувања и опомени со цел да посочи кои се неправилностите, како и решенија со кои барал да се отстранат тие неправилности.

– Сега веќе стапуваме во извршни дејствија по издадените решенија така што сите оние кои ќе ја намалуваат шеќерната единица, односно цената на грозјето веднаш ќе бидат затворени од страна на Државниот инспекторат додека не ги усогласат пазарните стандарди со законот. Засега само во Кавадарци е затворено едно место, а на терен се 24 инспектори кои вршат контрола во сите винарски визби. Доколку се појави уште некој што не ги почитува одредбите од законот ќе преземеме санкции и таму- прецизира Руменов.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top