Професори од петтата најстара филмска школа во светот, ФАМУ од Прага ќе предаваат на Институтот за филм во Охрид. Програмите се прилагодени специјално за оваа институција согласно стандардите, принципите и долгата традиција на ФАМУ во Прага, а ќе ги реализираат редовни, но и визитинг професори од Чешка.
На ФАМУ своето образование го стекнале еминентни личности од областа, како нашиот истакнат професор, режисер, продуцент и сценарист Иво Трајков, режисерите и писатели Јиржи Менцел, Милан Кундера, Милош Форман, Емир Кустурица, Лордан Зафрановиќ и Вацлав Хавел.
Спиро Ристовски, заменикот-министер за образование и наука во интервју за „Нетпрес“ говори за филмската академија во Охрид.
Од оваа година во Охрид се отвора филмска академија. Институтот за филм ќе биде придружна членка на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип. Воедно МОН доделува 20 целосни стипендии за студенти на оваа академија. Ако може прво нешто повеќе околу отворањето на овој Институт за филм, како и за условите и начинот на апликација за стипендии?
– Во суштина, основањето на специјализирана високо образовна установа во областа на филмската продукција, која би била стационирана на македонско тло, но со интенција да прерасне во регионален едукативен центар е идеја иницирана уште пред 6-7 години, при една официјална посета на Прага од страна на македонскиот премиер, Никола Груевски кој побара петтата најстара филмска и телевизиска школа во светот – ФАМУ, каде своето образование го стекнале еминентни личности од областа, како нашиот истакнат професор, режисер, продуцент и сценарист Иво Трајков, режисерите и писатели Јиржи Менцел, Милан Кундера, Милош Форман, Емир Кустурица, Лордан Зафрановиќ и Вацлав Хавел, да отвори дисперзирани студии кај нас, или пак, во најмала рака да започне соработка со некоја од нашите високо образовни установи. На наше задоволство, иницијативата беше прифатена и од чешкиот премиер и од раководството на ФАМУ и морам да напоменам дека оттогаш, многу труд и средства беа вложени за да денес, конечно добиеме Институт за филм, кој е лоциран во Охрид, не случајно туку стратешки, поради неговите особености во поглед на природното и културното наследство како извор на уметничка инспирација и творештво и поради традиционално воспоставените уметнички манифестации во градот и околината.
Во оваа прва година од функционирањето, Институтот за филм започнува со постдипломски студии на Катедрата за сценаристика и драматургија и Катедрата за креативна продукција. Програмите се прилагодени специјално за оваа институција согласно стандардите, принципите и долгата традиција на ФАМУ во Прага, а ќе ги реализираат редовни, но и визитинг професори од Чешка. Секако, во иднина понудата ќе биде дополнително надградена и проширена.
Уписите се веќе во тек и секој заинтересиран потенцијален кандидат од земјата и странство, може да аплицира преку пополнување на електронска пријава на веб страната www.filmacademyohrid.com, по што, стручниот тим на Институтот, односно Академијата ќе организира интервјуа и ќе изврши конечна селекција на идните студенти. Она што можам да го потврдам во овој момент е фактот дека спомената, официјална интернет страница во првите 2 дена има повеќе од 1.000 посети.
Имајќи во предвид дека се работи за нова високо образовна установа, во исклучително специфична област за овие простори и со релативно високи трошоци за студирање, Министерството за образование и наука одлучи за избраните студенти да додели дваесет целосни стипендии за студирање, за чиешто користење основен предуслов е кандидатот да е примен на оваа високо образовна установа. Сите дополнителни информации за останатите критериуми, како и за условите за доделување, може да се обезбедат на нашиот специјализиран интернет портал за стипендии –www.stipendii.mon.gov.mk.
Очекувам успешен старт на целиот овој, би рекол капитален проект со кој ќе ја зацврстиме позицијата на македонското образование на меѓународно ниво и со кој ќе дадеме еден дополнителен импулс на националната, но и на регионалната филмска индустрија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Специјална проекција на филмот „На мапата“ посветен на Тал Броди, кошаркар на „Макаби“
-
„Младешка осаменост“ – хибридниот документарец на Клер Симон во кината низ Македонија
-
Детскиот филм „Господин Мол и фабриката за чоколадо“ во кината низ Македонија
-
„Македокс“: Зимска реприза на филмот „Над возможното“ во кино Култура


