Стручната комисија во Министерството за култура направи евалуација на пристигнатите дела за објавување во странство и одлучи да поддржи превод на сите пристигнати барања, на сите 7 апликации, беше соопштено на денешната средба со новинарите.
-Согласно поддржаните апликации: Издавачката куќа „ХОХЕ“ од Етиопија на амхарски јазик ќе го објави романот на Гоце Смилевски „Сестрата на Зигмунд Фројд“ кој е еден од најпреведуваните македонски дела во последниве неколку години. Романот во рамките на Конкурсот со поддршка на Министерството за култура е преведен и на полски јазик, издавачката куќа „ТВЕРДИНИЈА“ на украински јазик ќе го објави романот за деца „Збркана сказна“ на писателот Киро Донев. Сакам да потсетам дека стручната комисија претходно го поддржа преводот на ова дело и на бугарски јазик и истото е веќе објавено, романот „Куќичка“ на писателката Оливера Николова кој во 2011 година беше македонски кандидат за книжевната награда „Балканика“, од страна на издавачката куќа „Арка“ ќе биде објавен на српски јазик, на бугарски јазик ќе бидат преведени уште 4 дела, и тоа: „Очи со боја на чевли“ на Петар Андоновски и романот на Душко Родев „Човекот што ги сакаше калинките“ (инаку награден со наградата Роман на годината) ќе бидат објавени од бугарската издавачка куќа „ПЕРСЕЈ“ од Софија. Издавачката куќа „ИЗИДА“, пак, ќе ги објави краткиот роман „Бело и црвено“ од Михајло Свидерски и книгата на Васко Шутаров „Јавна и културна дипломатија“. За преводот на овие дела Министерството за култура ќе издвои сума од 744.620 денари, соопшти министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска.
Досега во рамките на овој конкурс се објавени делата: „Храпешко“ на Ермис Лафазановски преведено на руски и на полски јазик, „Асхаровци“ на Трајан Петровски на српски јазик, „Трите века“ на Саво Костадиновски на германски јазик, „Патот на јагулите (водената пирамида)“ на Луан Старова на руски јазик, „Сестрата на Зигмунд Фројд“ на Гоце Смилевски на полски јазик, Романот „Вештица“ на Венко Андоновски на француски јазик, „Избор од поезијата на Богомил Ѓузел“ на црногорски јазик, „Јас, Тито и Мики Маус“ на Блаже Миневски на српски јазик, „Огледало на вековите“- избор од поезијата на Раде Силјан исто така на српски јазик, „Посмртна венчавка“ на Паскал Гилевски на бугарски јазик, „Смртта има коса“ од Игор Исаковски на хрватски јазик, „Весел ЗОО парк“ на Киро Донев на украински јазик и книгата „Збркана сказна“ од истиот писател на бугарски јазик, делото „Прва љубов во розевата улица“ од Натали Спасова на украински јазик и „Антологијата на современата македонска поезија-Семоќни струни“ на Ристо Василевски на српски јазик.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.