Оваа недела на кинорепертоарот следуваат две нови холивудски авантури кои изминативе две недели најдобро котираат на американскиот бокс офис.
Новата авантура во 3Д, насловена „Џек, убиецот на џинови“, е адаптација на познатата бајка за Џек и магичното гравче на писателот Ендру Ланг. Филмот визуелно ја доловува приказната за Џек, младиот фармер кој мора да ја спаси принцезата од џиновите откако ненамерно ќе ја отвори вратата кон нивниот свет. Сценаристот Дерен Лемке го објаснува сценариото како приказна за младото момче кое постанува маж и повлекува паралела меѓу Џек и Лук Скајвокер од „Војна на ѕвездите“. Режисерот на потполно нов и различен начин ја раскажува оваа приказна за војната меѓу младиот фармер и застрашувачката раса на џинови. Слободни на Земјата првпат по многу векови, џиновите настојуваат да ја вратат земјата која некогаш ја загубиле, терајќи го младичот Џек во борба за својот живот. Борејќи се за кралството, народот и љубовта на храбрата принцеза, тој доаѓа лице в лице со незапирливите војници, за кои мисли дека постојат само во легендите и добива шанса да стане легенда.
Успешната франшиза „Џи Ај Џо“ се враќа на големото платно со дополнета екипа и најнов акционен предизвик. Второто продолжение на оваа научно-фантастична акција и авантура, базирано на познатите Џи Ај Џо војнички фигури и стрипови, говори за борбата на познатите војници не само со смртниот непријател Кобра, туку и за нивната принуденост да се бранат и од нападот на самата влада која претставува опасност по нивното постоење. Главните улоги ги толкуваат одличните акциони херои – Двејн Џонсон, Ченинг Татум и Брус Вилис.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.