| четврток, 6 декември 2018 |

Бесими: Клучно е да се исполни политичкиот договор

бесими

Официјално нема условување од Брисел за посетата на Хан и продолжувањето на Пристапниот дијалог на високо ниво (ХЛАД) доколку не се испочитуваат роковите од договорот од Пржино, пред се именувањето на специјалниот обвинител. Но, исклучително е важен исходот од политичките разговори, изјави вечерва на средбата со новинарите вицепремиерот за евроинтеграции Фатмир Бесими.

– Нема таква најава и официјално работиме на подготовка на одржување на ХЛАД-от. Но, секако исклучително е важен исходот од политичките разговори, односно политичкиот дијалог да ги даде своите резултати, вели Бесими за шпекулациите за условувањето на ХЛАД но, при тоа, тој не ја исклучува таквата можност.

Препораката за отпочнување на преговорите вели секоја година треба да ја заработиме, и таа се пишува до последен момент. Немањето препорака ќе значи дека РМ се враќа назад во однос на Копенхашките критериуми, а тоа би бил сигнал кој не е добар за Македонија. Сепак, додава, досега немало таков случај на одземање на препорака.

Проширување како концепт е важен и за ЕУ и тие, како што истакнува, ќе настојуваат заради самиот процес да има вординг што ќе значи дека проширувањето и земјите од регионот остануваат во игра.

– Ова е во интерес и на ЕУ и за нас. Но, реално ние треба од сега до тогаш да направиме некои работи кои се очекуваат од нас, пред се имплементацијата на договорот во однос на поставените рокови и второ да дадеме јасен сигнал во однос на реформите кои се нотирани во препораките за во Извештајот во октовмри да се каже дека Македонија останува во процесот, нагласува Бесими.

Тој најави дека следната недела заминува за Брисел во однос на разгледување на драфтот на Извештајот за напредокот на земјата каде ќе биде разгледано што е сработено досега во однос на Националната програма и спроведените реформи. При тоа повтори дека многу е важен аспектот на политичкиот договор што беше постигнат во Пржино.

– Реформите се суштинска работа и се исклучително важни. Се очекува Македонија да ги исполни како што е наведено во препораките, но од клучно влијание за исходот на Извештајот е тоа што ќе резултира политичкиот дијалог меѓу политичките партии, нагласи Бесими.

Во однос на Акцискиот план за спроведување на реформските приоритети вели тоа е список на задачи кои треба да се сработат а се наведени во Извештајот на ЕК и во Извештајот на Прибе..

За бегалската криза, вицепремиерот истакна дека Македонија го дава максимумот за справување со ова прашање при што се очекува во рамки на ИПА 2 да се обезбедат средства од ЕУ. Состојбата со мигрантите, вели, се следи на дневна основа и до овој момент нема најава за продолжување на кризната состојба која беше прогласена во земјата на 19 август. Не е разгледувана на Влада опција за изградба на ограда на границата.

Еврокомесарот за проширување и соседска политика Јоханес Хан во петок доаѓа во Скопје во придружба на директорот на Директоратот за проширување за регионот Жан – Ерик Паке. Предвидено е тој да се обрати пред Националниот совет за евроинтеграции, ќе има средба со премиерот Никола Груевски, а ќе присуствува и на пленарната седница за ХЛАД-от.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top