Талентираните професионалци од разни области од јавниот, приватниот и од граѓанскиот сектор од Република Македонија, имаат можност да конкурираат за стипендија во рамките на британската шема за стипендирање, спонзорирана од британското Министерство за надворешни работи и Комонвелт.
Како што информира Британската амбасада во Македонија, стипендијата Чивнинг се доделува на талентирани лица кои имаат потенцијал за лидерство. Оваа стипендија нуди финансиска поддршка за магистерски студии на водечките универзитети во Обединетото Кралство за учебната година од септември 2016 година. Заинтересираните лица имаат можност да се пријават до 3 ноември 2015 година.
Стипендиите се доделуваат за едногодишни магистерски студии на повеќе предмети на водечки британски универзитети.
Заинтересираните кандидати треба да исполнуваат неколку услови – да се државјани на земја за која се отворени овие стипендии и да планираат да се вратат назад по завршувањето на студиите и да имаат додипломски студии на ниво на „upper second-class honours“ според британската класификација на образование. Лицата треба да биле работно ангажирани најмалку две години пред да конкурираат за стипендија Чивнинг, да исполнуваат минимум услови за познавање на англиски јазик според критериумите на Чивнинг и да немаат пречки за добивање на виза и да добијат неусловена понуда од Британски универзитет.
За повеќе детали за роковите за конкурирање и за приоритетните области на студирање, кандидатите може да се информираат на www.chevening.org
Во 2015 година се доделени стипендии на девет кандидати од Македонија кои ќе имаат можност да студираат на универзитети во Обединетото Кралство.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.