| четврток, 6 декември 2018 |

ЕК: Градењето огради не е идеален одговор на ситуацијата

огради

Европската комисија смета дека градењето огради не е идеален одговор на ситуацијата со мигрантите и бегалците од Африка и од арапскиот свет, јави дописникот на МИА од Брисел.

Оваа реакција на неформалната Влада на Европската унија доаѓа по вчерашната најава на министерот за надворешни работи на Република Македонија, Никола Попоски, дека ЕУ треба да обезбеди посилна помош за да може Македонија да се соочи со напливот на емигранти или земјата ќе мора да го искористи примерот на Унгарија, земја-членка на Унијата и да изгради ограда на границата со Грција.

– Помошта што ЕУ ѝ ја дава на Македонија, за што ние имаме конкретни бројки, е јасна и позната и не е прашање дека Брисел не обезбедува помош. Разбираме дека ситуацијата е тешка, но не мислиме дека градењето огради е идеален одговор на таквата ситуација, порача портпаролот на Еврокомисијата -Маргаритис Схинас.

Според гласноговорникот на ЕК, Македонија и Европската унија треба блиску да соработуваат и заеднички да се соочат со оваа ситуација во однос на мигрантите и бегалците. А, како што е познато, изминатите неколку месеци десетици илјади Ирачани, Авганистанци, Либијци и Сиријци ја преминуваат границата од Грција во Македонија во намерата преку нашата држава и преку соседна Србија да влезат во границите на шенген-зоната и во ЕУ, преку Унгарија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top