Новинарот Мајкл Смеркониш од „Си-Ен-Ен“ ја заврши својата неделна емисија со дел од класификуваните 28 страници, кои документираат индикации за финансиска поддршка од една странска влада за терористите што ги извршиле нападите од 11 септември. Тој заврши со директна молба: „Господине претседателе, ве молиме објавете ги тие 28 страници пред да се одбележи уште една годишнина од нападите“.
Во петокот, Обама беше домаќин на средбата со кралот на Саудиска Арабија, Салман, во Белата куќа. Смеркониш го нагласи фактот дека гостопримството на претседателот дојде една недела пред 14-годишнината од нападите од 11 септември, кои, според поранешниот сенаторот Боб Греам, барем делумно, беа овозможени од финансиската и друга помош од кралството за киднаперите на авионите.
Смеркониш, исто така, истакна дека нацијата обележува и друга годишнина: Помина една година или повеќе откако американската разузнавачка заедница беше задолжена да го разгледа декласификувањето на овие 28 страници.
– Со други зборови, разгледувањето одзеде не повеќе од 10 дена за секоја страница без решение и тоа е неопрaвдано – вели Смеркониш.
Во неговата радиоемисија во петокот, Смеркониш разговараше со сенаторот Ранд Пол, поранешниот сенатор Греам и директорот на „28 Пејџис.орг“ Брајан Мекглинчи за кампањата да се обелоденат страниците.
– Мислам дека е несоборлив доказот за тоа дека барем некои од киднаперите добиле финансиска и друга поддршка од страна на агентите на Саудиска Арабија. Се сомневам дека кога ќе се објават материјалите, ќе се дознае дека постои мрежа на поддршка за деветнаесетте киднапери, која ѝ овозможила на оваа група на луѓе, во која повеќето од нив не зборуваат англиски јазик, никогаш не биле во САД и имаат многу мало образование, да го извршат нападот од 11 септември – вели Греам.

Пол, кој во јуни претстави предлог-закон пред Сенатот, каде што се бара од претседателот да ги обелодени материјалите, рече дека во тие 28 страници постојат работи што сите треба да ги прочитаат и сами да си донесат заклучок.
– Искрено, мислам дека Саудиска Арабија е дел од проблемот во однос на ИСИС, со неселективно пуштање оружје во граѓанската војна во Сирија… како и Катарците – рече Пол говорејќи пошироко за тековното зло на тероризмот на Блискиот Исток.
Ставовите на Пол го засилуваат претходното тврдење на Греам дека континуираната тајност на овие 28 страници, што не дозволува да се стави под лупа финансирање исламскиот екстремизам од страна на Саудиска Арабија, придонесува за подемот на ИСИС.
– Една од работите што се најмалку познати за ова прашање е колкумина од нашите избрани претставници ги прочитале тие 28 страници. Сметаме дека најверојатно само десетина од 535 сенатори и претставници, всушност, се потрудиле да одвојат 30 минути да ги прочитаат – рече Мекглинчи.
Вмешаноста на Саудијците во нападите од 11 септември
По нападите од 11 септември, на јавноста ѝ беше кажано дека Ал Каеда дејствувала сама, без државни спонзори.
Меѓутоа, Белата куќа никогаш не објави еден дел од истражниот извештај на Конгресот за нападите од 11 септември во кој пишува за специфични извори на надворешна поддршка за деветнаесетте киднапери, од кои 15 беа државјани на Саудиска Арабија.
Делот од извештајот се чува во тајност и ден-денес.
Претседателот Буш необјасниво цензурираше цели 28 страници од извештајот од 800 страници. Текстот од спорниот дел од извештајот не е само затемнет на некои места туку страниците се целосно празни, само со испрекинати линии, каде што некогаш се наоѓале околу 7.200 збора.
Конгресмените Волтер Џонс и Стивен Линч, кои го имаат прочитано цензурираниот дел, велат дека се апсолутно шокирани од степенот на вмешаност на една странска држава во нападите. Името на државата не го откриваат за да не го прекршат федералниот закон, но затоа му предложиле на Конгресот да усвои резолуција во која се бара од претседателот Обама да го обелодени целиот извештај од 2002 година.
Некои информации од класификуваниот дел веќе протекоа во јавноста. Избришаните страници се информации што се засноваат на документи обезбедени од ЦИА и од ФБИ и покажуваат кон Саудиска Арабија, која се смета за сојузник на САД.
Саудијците ја негираат вмешаноста во нападите од 11 септември, но, наводно, ЦИА во една белешка пронашла несоборливи докази дека претставници од Владата на Саудиска Арабија, меѓу кои и високи дипломати и агенти од разузнавачките служби, им помагале на киднаперите и финансиски и логистички. Според тие документи, Амбасадата на Саудиска Арабија во Вашингтон и конзулатот во Лос Анџелес директно им помагале на терористите, со што нападите не се само терористички акт, туку и акт на војна.

деветнаесетте киднапери
Доколку се потврдат овие сознанија, ќе се докаже дека киднаперите биле поврзани барем со неколку саудиски претставници и агенти, додека тие се подготвувале за нападите во САД. Всушност, тие добивале помош од високи претставници на Саудиска Арабија од брег до брег:
Лос Анџелес: Дипломатот од конзулатот на Саудиска Арабија Фахад ал Тумаири, наводно, организирал тим за пречек на двајца од саудиските киднапери – Калид ал-Михдар и Наваф ал-Хазми при нивното пристигнување на аеродромот во Лос Анџелес во 2000 година. Еден од тимот за пречек, саудискиот разузнавачки агент Омар ал -Бајуми, излегол од конзулатот во Лос Анџелес и се сретнал со киднаперите во еден локален ресторан. (Бајуми заминал од САД два месеца пред нападите, додека Тумаири бил депортиран во Саудиска Арабија по нападите.)
Сан Диего: Бајуми и уште еден осомничен саудиски агент, Осама Баснан, развиле оперативна база во Сан Диего за киднаперите по напуштањето на Лос Анџелес. Обезбедиле соби, телефони и организирале приватни средби со проповедникот од Ал Каеда, кој подоцна ќе стане озлогласениот, Анвар ал Авлаки, во џамијата финансирана од Саудиска Арабија, која ја водел тој. (Баснан, исто така, избегал од САД пред нападите.)
Вашингтон: Тогашниот амбасадор на Саудиска Арабија во САД, принцот Бандар и неговата сопруга му испратиле чек во вкупна вредност од 130.000 долари на Баснан додека тој се грижел за киднаперите. Иако семејството Бандар тврди дека парите биле наменети за лекувањето на, наводно, болната жена на Баснан, парите, сепак, завршиле во рацете на киднаперите.
Бандар и неговата амбасада се поврзуваат со уште една банкарска трансакција до Ал Каеда, поради што во 2004 година банката Ригс во Вашингтон ги откажала услугите за Саудијците.
Следната година биле откриени уште неколку вработени во амбасадата што биле поврзани со терористички дејности, поради што Ријад го повлекол амбасадорот Бандар.
Фолс Чрч, Вирџинија: Во 2001 година, Авлаки и киднаперите од Сан Диего повторно се појавија заедно, овој пат во џамијата Дар ал-Хиџрах изградена со средства од амбасадата на Саудиска Арабија недалеку од Пентагон. Авлаки бил регрутиран да ја води џамијата. Оттаму Авлаки им помогнал на киднаперите да најдат станови и нови лични карти пред да го нападнат Пентагон.
Авлаки тесно соработувал со амбасадата на Саудиска Арабија. Држел предавања за исламот во саудискa организација во Мерифилд, Вирџинија, предводена од Бандар. Авлаки избегал од САД околу една година по нападите.
Како што претходно објавив во книгата „Инфилтрација“, цитирајќи доверливи американски документи, проповедникот спонзориран од Саудиска Арабија беше накусо приведен на аеродромот „Џон Ф. Кенеди“, но брзо беше ослободен од некој претставник од Саудиска Арабија. Федералниот налог за апсење на Авлаки беше мистериозно повлечен од претходниот ден. Во 2011 година, Авлаки беше убиен од американско беспилотно летало во Јемен.
Херендон, Вирџинија: Вечерта пред нападите, висок владин претставник на Саудиска Арабија, Салех Хусеин престојувал во хотелот „Мериот резиденс ин“, близу аеродромот „Дулес“, истото место каде што престојувале и тројцата терористи чија цел беше Пентагон. Дали тој се сретнал со нив? ФБИ никогаш не дозна. Името на Хусеин не се појави во посебниот извештај на комисијата за нападите од 11 септември.
Сарасота, Флорида: Водачот на нападите од 11 септември Мохамед Ата и уште неколкумина киднапери го посетиле домот на Есам Газави, советник на внукот на саудискиот крал Фахд. Само две недели пред нападите, саудискиот луксузен дом бил напуштен. Три автомобили биле оставени на патеката. Внатре, раскошниот мебел бил недопрен.
Извор: „Си-Ен-Ен“, „Њујорк пост“
Превод: Ана Цветаноска
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


