Американската администрација верува дека џихадистите на групата Исламска држава (ИД) произведуваат и употребуваат хемиско оружје во борбите во Сирија и во Ирак, објави „Би-би-си“, повикувајќи се на неидентификуван американски функционер.
Според овој извор, САД веќе имаат идентификувано најмалку четири случаи на двете страни од сириско-ирачката граница во кои припадниците на оваа исламистичка сунитска милитантна група користеле иперит. ИД го користела ова хемиско оружје во форма на прав.
Вашингтон верува дека џихадистите имаат формирано посебна борбена ќелија, која се занимава со производство на хемиско оружје.
Американски разузнавачки и воени експерти проценуваат дека иперитот во фрома на прав се меша со класичен експлозив при полнењето на гранати, па потоа се употребува во минофрлачки оган.
Експертите сметаат дека постојат три начини за да се објасни како џихадистите обезбедиле хемиско оружје. Едниот е дека самите го произведуваат во примитивни лаборатории, објаснувајќи го тоа со сознанието дека производството на иперит не е повеќе хемиска тајна, како и дека не претставува сложена операција.
Вториот начин е дека дошле до хемиско оружје на сириска и на ирачка територија, а третиот дека станува збор за резерви откриени во Ирак за кои знаеле и Американците при нивната воена интервенција против режимот на Садам Хусеин од пред повеќе од десет години.
Изворот на кој се повикува „Би-би-си“ не верува дека хемиското оружје што го поседува ИД е од арсеналите на сириската армија преземени од џихадистите, пред властите во Дамаск да го предадат под меѓународна контрола.
Американците веруваат дека џихадистите користеле хемиско оружје при нападот со минофрлачи врз позициите на курдските сили во северен Ирак. Минофрлачките гранати тогаш имале полнење со иперит прав.
Ова е првпат САД да објават дека милитантите од Исламска држава користат хемиско оружје во борбите во сирискиот конфликт, затоа што досега одговорноста за тоа Западот вообичаено им ја припишуваше само на силите лојални на Дамаск.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Македонец подготвувал терористички напад во името на Исламската држава во Италија
-
Голема акција на турската полиција, уапсени 23 лица: Терористите спремале „сензационален напад”
-
Приходите на ИД од продажбата на нафта за две години се намалија за 90 отсто
-
ИД ја презеде одговорноста за нападот во лондонското метро



