Во амбасадата на Македонија во Вашингтон вчера се одржа прием по повод 8 септември, Денот на независност, на кој амбасадорот Васко Наумовски изјави дека Македонија од осамостојувањето ја имала поддршката на Соединетите Американски Држави. Поранешниот амбасадор на САД во Македонија Пол Волерс возврати дека САД се надеваат оти наскоро ќе го кренат нивото на партнерски односи со Македонија како со членка на НАТО, и на Европската Унија.
– Во изминативе 20 години имавме поддршка од Соединетите Американски Држави при стекнувањето на нашата независност и ја имавме нивната поддршка во процесот на признавањето на Република Македонија, особено под уставното име. Имавме поддршка од САД кога се работеше за најголемите кризи на Балканот. И секако, поддршка при економските и трговските односи. Од друга страна, и Република Македонија ја искажа поддршката во моментите кога тоа ним им беше најпотребно и преку заемна соработка и понатаму ќе продолжиме да ги развиваме нашите билатерални односи, Македонската Телевизија ја пренесе изјавата на амбасадорот Наумовски.
Најдобрата работа што ја помнам од Македонија е периодот во 2004 година кога САД го призна уставното име на Република Македонија, изјави поранешниот амбасадор Пол Волерс.
– Како што сум рекол многупати досега, би сакале Македонија да можеше да биде членка на НАТО и ЕУ уште од вчера. Тоа не се случи од разни причини, но сепак се уште е силна основа врз која се базира американската политика. Сакаме Македонија да биде во НАТО и во ЕУ и да ни биде партнер особено во НАТО, и се надевам дека тоа ќе се случи наскоро. Ќе бидам многу среќен кога тоа ќе се случи, изјави Волерс.
На приемот се одбележаа не само 24 години од македонската независност, туку и 20 години од формалното воспоставување дипломатски односи со САД. Учесниците на приемот во македонската амбасада оценија дека односите на двете земји се одвиваат во нагорна линија, со добра политичка, културна и одбранбена соработка, но и со можност за повеќе економска соработка.
– Дефинитивно поддршката за Македонија расте во американскиот Конгрес, со тоа што во моментов имаме 24 конгресмени во групата за пријателство и 35 конгресмени кои ја поддржаа резолуцијата за прием на Македонија во НАТО. А другата работа е што денеска ја објави полскиот министер за одбрана дека Македонија може да добие покана во Варшава во 2016 година. Оваа година е и 20-годишнината од потпишувањето на Времената спогодба, така што се надеваме дека односите меѓу Македонија и Грција ќе се подобрат. Но, дефинитивно не треба билатералното прашање околу името да биде пречка за Македонија да влезе во НАТО. И меѓународната заедница, особено земјите членки на НАТО тоа мора да го сфатат и мора да ја туркаат Грција што побрзо да се реши овој проблем, изјави Мето Колоски од Обединетата македонска дијаспора, пренесе МРТВ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.