Во Велес вечерва почна 14. издание на Интернационалниот фестивал на античка драма „Стоби“. Овогодинешното издание поради реконструкција на Античкиот театар во Стоби Фестивалот се одржува во новиот објект на Велешкиот театар.
Фестивалот го отвори министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска која рече дека вечерва овој град со респективна културолошка референца повторно станува местото на кое ќе се презентираат најновите и највредните остварувања на театрите од светот кои го негуваат античкиот и амбиенталниот театар и ја доближуваат универзалноста и современоста на мудрите антички приказни.
Министерката истакнувајќи дека Фестивалот на античката драма веќе 14 години е интернационална ревија на претставите на ансамблите и авторите кои се препознатливи по својата естетика во меѓународниот театарски контекст, посочи дека „Стоби“ е една голема театарска платформа преку која Република Македонија се претставува и афирмира пред светот но, истовремено го носи и светот кај нас.
– Поставувањето на една античка драма на театарската сцена е голем настан за секоја театарска институција, за секој актер која добива неповторливо искуство, да оживее лик создаден пред повеќе од две илјади години во моментот. Како што велел Аристотел, преку драмата, преку нејзиното живо дејствие, преку ликовите, ние гледачите се идентификуваме и доживуваме своевидна катарза, или како што тој вели, си ги прочистуваме чувствата, рече министерката за култура.
Таа додаде дека оваа година на фестивалот на античката драма ќе продефилираат голем број комплесни ликови од минатото, креации на уметниците од Турција, Словенија, Грција, Албанија и Македонија кои ќе ги изведат познатите драми и адаптации на делата на Аристофан, Есхил и Софокле и ќе ја доловат нивната фантазија и нивниот разигран и богат јазик.
Според уметничкиот директор на Фестивалот Зоран Љутков да се негува фестивал на античка драма значи да се надминува сопствената црвена линија со една единствена цел секое ново издание на фестивалот да биде подобро од претходното.
На министерката за култура и градоначалникот на општина Велес Славчо Чадиев им беа доделени благодарници за заложбите за организирање на Фестивалот.
Фестивалот беше отворен со концерт на Тони Китановски трио, и претставата „Антигона“ на театарот од Турција, во која настапуваат и двајца македонски актери кои студираат на државниот конзорциум при Истанбулскиот универзитет.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.