Бугарија го отфрли руското барање за користење на бугарскиот воздушен простор за летови со кои Русија ќе и доставува помош на Сирија, соопшти денеска бугарското Министерство за надворешни работи.
Барањето е отфрлено поради сериозната загриженост околу содржината која се превезува со овие авиони.
– Бугарското Министерство за надворешни работи не дозволи летови над Бугарија за руските воени транспортни авиони на патот кон Сирија. Имаме доволно информации кои не наведуваат на сериозна загриженост околу товарот кој се превезува со овие авиони, што е доволна причина зошто на Русија и е забрането користење на бугарскиот воздушен простор, изјави портпаролот на бугарското МНР.
Според заменик претседателот на Комисијата за надворешни работи при Советот на Руската Федерација, Горниот дом на рускиот Парламент, Владимир Џабаров „одбивањето на Бугарија да го отстапи својот воздушен коридор за руски авиони, кои превезуваат хуманитарни товари за Сирија, нема големо значење, бидејќи Русија користи главно други маршрути“.
Првиот заменик-претседател на Комисијата за надворешни работи во руската Дума, Леонид Калашников смета дека одлуката на Софија да го „затвори небото“ за прелетување на руски авиони со хуманитарна помош за Сирија ги поткопува руско-бугарските односи.
Претходно, Грција, која е дел од НАТО, била замолена од Москва да им овозможи на два руски авиони со испораки да поминат низ воздушниот простор во насока на Сирија помеѓу 1 и 24 септември, но САД побарале Атина тоа да не го прави.
– САД побараа од Грција да не дозволува прелет на два руски авиони со испораки за Сирија во грчкиот воздушен простор, потврди портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков.
Грција одговори дека ќе размисли за барањето на САД, но во меѓувреме Русија одлучила да користи нова рута за авионите.
– Русија планира да користи воздушен коридор источно од Грција за превезување помош до Сирија, што значи дека прашањето за користење на грчкото воздушно пространство за вакви летови веќе не постои, изјави денеска портпаролот на грчката Влада
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.