| четврток, 6 декември 2018 |

Грција испрати полициско и армиско засилување на островот Лезбос

Грчките власти испратија денеска полициски и армиски засилувања на островот Лезбос за справување со приливот на илјадници бегалци и мигранти.

migranti-500

Тензиите на островот пораснаа во текот на ноќта, откако двајца напаѓачи на мотор фрлија два молотови коктели врз сириски бегалци, кои спиеле во паркот во Митилини, главниот град на островот. Еден Сириец е повреден и еден осомничен е уапсен, соопшти полицијата.

Полициските безбедносни сили употребија солзавец и палки за растурање на група бегалци, откако избувнал судир меѓу Сиријци и Авганистанци додека чекале да се регистрираат.

Две бригади на безбедносните сили се испратени денеска како поддршка на островот, каде мигрантите губат трпение, во желба што побрзо да стигнат до Германија. Локалната полиција редовно е обвинувана од невладините организации за насилство.

Според државната телевизија ЕРТ 1, испратени се и 60 полицајци за забрзување на процесот за регистрирање на мигрантите, што е неопходен услов да заминат за Атина, од каде се надеваат да стигнат до Западна Европа. Од почетокот на годината во Грција се регистрирани 230.000 бегалци, кои во земјата влегле по воден пат.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top