Фотографија со македонски полицаец со дете бегалец осамна денес на насловната на британски „Телеграф“.
Откако светската јавност остана шокирана од фотографиите на телото на дете-бегалец исфрлено на брегот на Бодрум во Турција, британскиот весник „Телеграф“ посвети текст токму на невините жртви на мигрантската криза, односно на децата-бегалци.
На насловната страна на весникот денес осамна фотографијата на млад македонски полицаец со дете-бегалец во рацете, фотографирана на јужниот граничен премин на земјата.
Напливот на деца што умираат и страдаат ја засили дебатата во Европа за тоа како да се одговори на сѐ полошата емигрантска криза. Во Турција, телата на две момчиња на три и на петгодишна возраст беа исфрлени на брегот откако пренатоварениот брод со бегалци потона на патот кон Грција.
Во меѓувреме, во Македонија беше фотографиран полицаец со дете-бегалец во рацете, кое плаче, на граничниот премин во Грција, пишува весникот.
Фотографијата што осамна во британскиот весник го покажа вистинското хумано лице на Македонија.
Македонската полиција и припадниците на АРМ, кои се ангажирани да го чуваат редот и да спречуваат масовни и неконтролирани преминувања на емигрантите, кои во голем број надојдоа од територијата на Грција, одвреме-навреме ги спуштаат штитовите за да им помогнат на изнемоштените да добијат соодветна лекарска помош.
Припадниците на специјалните полициски сили и на армијата им поделуваат вода на емигрантите, а им помагаат и на мајките со деца и на бремените жени.
Фотографијата објавена во британскиот весник, не само што говори за големиот број деца-емигранти што патуваат низ Балканот, туку и ја отвара дебатата како и на кој начин треба да се постапува со нив.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.