Во интервју за „Еуроактив“ еврокомесарот изјави дека во Скопје ќе допатува во средината на септември за да провери како се остваруваат реформите, пишува „Утрински весник“.
Еврокомесарот Јоханес Хан најави посета на Македонија во средината на септември, за да провери лично како се остваруваат потребните реформи и, ако треба, да притисне околу нив. Дали посетата ќе се случи пред рокот за именувањето на специјалниот обвинител или потоа, тој не прецизираше, но намерата очигледно е да го осигури остварувањето на политичкиот договор од Пржино, кој влегува во клучен момент. Претходно, еврокомесарот најави одржување и на дијалогот на високо ниво со македонската влада во септември, но дали оваа посета ќе биде дел од тој редовен календар или ќе биде вонредна, не се знае во моментов.
Најголем дел од интервјуто за европскиот портал „Еуроактив“, Хан, сепак, го посвети на мигрантската криза, како и на шансите на Србија до крајот на годинава да започне преговори за членство со ЕУ, што тој го најавува веќе како извесно. Според еврокомесарот, таа одлука е прашање на кредибилитет за ЕУ и за напредно размислување, зашто ако Брисел не е во „бизнисот со извезување безбедност и стабилност, на долг рок ќе увезе нестабилност“.
Обврската на балканските земји да не се блокираат меѓусебно во процесот за евроинтеграција, преземена на Виенскиот самит, Хан ја оцени како незамислива до пред една година, со додавка дека во сопствен интерес на Унијата е овие земји да станат членки за да нема безбедносен вакуум. Тој индиректно порача, исто така, дека проширувањето може да биде одговор на бегалската криза, повикувајќи ги земјите членки на Унијата целосно да се вклучат во нејзиното решавање бидејќи, по сите трагедии, време за колебања и чекања нема.
„Оваа криза има глобална димензија и со неа не може да се справи никој сам. Ни треба паневропски пристап. Земјите од Западниот Балкан не се изворот на проблемот, но се жртви на сопствената географска локација, бидејќи се користат како транзитни земји. За да се справат со тоа им треба поддршка од ЕУ и таа е предвидена“, рече Хан, додавајќи дека не станува збор само за пари туку и зајакната соработка да се обезбедат надворешните граници на Унијата и да им се помогне на погодените земји со експертиза.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Хан: Очекувам објаснување за азилот на Груевски, се работи за кредибилитетот на Европа!
-
Мицкоски – Хан: Евро-атлантската интеграција е клучен фактор за стабилност и просперитет во регионот
-
Хан: Имате рандеву со историјата!
-
Прес-конференција на премиерот Зоран Заев и еврокомесарот Јоханес Хан (во живо)