| четврток, 6 декември 2018 |

Одредени лекови се повлекуваат од пазарот

Информациите кои веќе неколку месеци се вртат во фармацевтските и во болнички кругови дека заради ниската цена реномирани фармацевтски куќи ги повлекуваат своите лекови од македонскиот пазар, денеска ги потврди и министерот за здравство Никола Тодоров. Но, за него тоа е тековна работа, бидејќи секогаш имало лекови кои фармацевтите повеќе не сакале да се продаваат на нашиот пазар, а на нивно место доаѓале нови понуди. За кои лекови станува збор, Тодоров не откри, но ја уверува јавноста дека пациентите нема да останат без терапија.

„Според законската регулатива, производителот пред да го повлече лекот е должен да обезбеди резерви од него за наредните осум месеци од денот кога побарал повлекување од пазарот“, истакна Тодоров. Ако тоа не се испочитува, следуваат санкции и казни за доставувачите.

На прашањето дали меѓу препаратите кои се повлекуваат има специфични и оригинални лекови, како цитостатици, хормони или други медикаменти за кои нема замена, министерот не беше прецизен. Но, рече дека тие на тој начин сакаат да ја покачат цената на лекот, што за Тодоров е класична уцена на производителите, која државата нема да ја толерира. Но, можно е да се случи да дојде до недостиг на лековите.

„Доколку лековите за кои нема замена производителите повеќе не сакаат да ги пласираат во нашата земја и поради тоа болните ги остават без потребниот лек, тие ќе бидат казнети“, беше категоричен Тодоров.

Министерот најави решение за проблемот со недостигот на лекови за кои нема замена, а кој се појави во некои здравствени установи во земјава, бидејќи на јавните конкурси за набавка не се јавува ниту една фирма која ќе ги увезува бараните лекови. За овој проблем директорите на одредени клиники веќе реагираат со укажување дека на јавните конкурси фармацевтските куќи не доставуваат понуди од причина што понудената цена е под набавната, па не им се исплати да ги дистрибуираат препаратите.

„За тендерите на кои треба да се купат лекови за болничка употреба и на кои не се јавува ниту еден доставувач, а во прашање се препарати за кои нема замена, најверојатно ќе се оди на покачување на цената на лекот“, рече Тодоров.

Ваква ситуација, болните да останат без лек поради тоа што на јавниот конкурс не се јавил ниту еден доставувач, и која „Утрински весник“ ја обелодени во јавноста, се појави на Клиниката за онкологија. Поради прениската цена на лекот, (околу 3 евра) доставувачот воопшто не сакал да го увезува, бидејќи не му се исплатело. Болните лекот го купувале од Грција.

Со новата централизирана набавка на вкупно 353 лекови за потребите на јавните здравствени установи, Министерството за здравство заштеди преку 250 милиони денари, или околу 4,1 милиони евра. Овие пари, како што истакна на денешната прес-конференција министерот Никола Тодоров, ќе бидат употребени за реновирање на велешката болница, а главно за целосна реконструкција на Инфективното одделение во оваа болница.

Тој потсети дека со претходните набавки на лекови е остварена заштеда од околу шест милиони евра, средства кои биле наменети за зголемување на платите на докторите-специјалисти и супспецијалисти.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top